Никој не влегува во брак со помисла дека еден ден ќе се разведе. Кога еден брак завршува, заедничкото подигање на децата често ги комплицира работите. Дури и кај најдобрите разводи тешко е да се соработува со поранешниот партнер со љубов и почит. Меѓутоа, кога еден брак ќе заврши, а вие и вашиот поранешен партнер сè уште имате почит и разбирање еден кон друг, им покажувате на вашите деца дека иако е променета семејната динамика, семејството сè уште постои.
Коди Лахела Мекфате сподели фотографија на која нејзиниот татко ја коси тревата, но како што објаснува, нејзините родители се разведени со децении, а тој сè уште ја коси тревата пред куќата на нејзината мајка.
– Ова е татко ми, го коси тревникот на мајка ми. Тие се разведени пред 28 години. Кога мојот помал брат и сестра ме прашаа: „Зошто мојот татко ја коси тревата на мама?“, им реков: „Затоа што ѝ е потребна помош, а тој знаеше дека таа не може сама, па реши да ѝ помогне“, напиша 32-годишната Коди Лахела Мекфате.

Мајката на Коди има проблеми со колената, а нејзиниот очув работи надвор од градот, па затоа нејзиниот татко помага секогаш кога може.

– Јас сум многу среќна што имам четири родители кои меѓусебно се почитуваат и знаат на своите деца да им покажат (дури и кога имате 32 години) како да се однесуваат со луѓето, без разлика што не се заедно – објаснува Коди.
Таа за „Scary Mommy“ вели дека нејзините родители секогаш биле обединети кога станува збор за семејството:

– Никогаш не знаевме дали нивниот однос е добар или лош. Секогаш велат: „Ние сме семејство и тоа е сè што треба да знаете“. Никогаш не дознав зошто моите родители се разведоа, мајка ми секогаш ми кажуваше: „Тоа не е ваша работа, тоа не е ваш брак“. Мојот татко сака сите да знаат дека тој не е светец, но дека сите треба да ја избереме љубезноста кога можеме, напиша таа на крајот.



912

X