Воспитување

И малите деца знаат повеќе од ДА и НЕ – како да поттикнете интересни разговори

Дали и вие ја сакате детската љубопитност? Нивното чудење со ококорени очи кога откриваат пајаци, виножита и други неверојатни работи што повеќето возрасни ги земаат здраво за готово е една од најголемите радости на родителството. Искористете го тоа и инспирирајте ги децата на уште повеќе приказни и имагинација. Еве неколку стратегии за поттикнување интересни разговори:

Има голема разлика помеѓу прашања кои имаат едноставен одговор „да“ или „не“ и прашањата кои ја поттикнуваат имагинацијата, го инспирираат детето да размислува и го тераат да посака да споделува идеи со вас!

На пример:

„Колку копчиња има на твојата кошула?“ е прашање кое има само еден збор за одговорот, а тоа е број!

Спротивно на тоа, „Која е твојата омилена кошула? Зошто ти се допаѓа толку многу?“ или „Ако можеш да дизајнираш кошула, како би изгледала?“, тоа може да придонесе вашето дете да ја нацрта кошулата, да ја направи од колаж од хартија или со сечење слики од списанија или пребарување на интернет со вас да ги види кошулите што ги носат луѓето во различни земји и на тој начин да ве доведе до приказна за културите на различни народи.

Вие најдобро го познавате вашето дете. Ако сака да дава кратки одговори, сè уште можете да вклучите прашања кои започнуваат со „како“ и „зошто“ и да се надоврзат на тие кратки одговори. Со вашите прашања и дополнувате на неговите одговори, детето ќе научи нови зборови и ќе усвои нови начини на комуникација.

Како што расте детето, продолжете да поставувате прашања кои бараат нови идеи и мислења. Запомнете дека дури и малите секојдневни работи, како што е одлучувањето дали да јадете јогурт или банана, може да помогнат да се изгради речник и да се поттикнат нови теми како исхрана, вкус, текстура или како се прави храната.

А што ако поставувам прашања, а моето дете не одговара?

Не грижете се. Тоа е само показател дека не сте го поставиле вистинското прашање во вистинско време. На пример, ако го поставите прашањето: „Како мислиш дека е изградена таа куќа?“ (многу сложено прашање!), многу е веројатно дека вашето дете нема да одговори. Наместо тоа, обидете се со описни прашања кои бараат опис на нешто, на пример: „Кажи ми што гледаш на таа куќа“ или „Дали тие правоаголни блокови те потсетуваат на некои од твоите играчки?“

Откако ќе разговарате за работи што го потсетуваат на неговите играчки (лего, омилена книга за куќи или згради, големи машини), обидете се со покомплексно прашање.

Теми за истражување

Размислете за интересите на вашето дете. Ова се темите за кои со задоволство ќе разговара.

– Кои се местата, луѓето, играчките, активностите што ги сака?
– Зошто вашето дете има силни мислења и идеи (на пример, храна што не ја сака, пред спиење, при посета на лекар)?
– Во што има искуство вашето дете? (играње со кукли, правење лего-фигури, играње со пластелин или цртање итн.)?

Како може да се продолжи разговорот?

За да го продолжите разговорот, можете да користите некои од овие фрази:

Се прашувам…
Дали забележа…
Кажи ми повеќе за…
Што друго треба да знам за тоа, кажи ми…

Некои добри места за почеток на разговор

Еве неколку идеи и предлози за тоа кога и каде во текот на денот можете да започнете разговори:

– Продавница: „Погледнете колку се шарени овие пакувања! Што гледате на нив? Имаат ли сличности?“
– Автобус, трамвај, воз, автомобил: „Ајде да се преправаме дека можеме да патуваме каде сакаме. Каде би оделе? Зошто?“
– Прошетка: „Ајде да направиме експеримент! Како можете да одите поинаку и да бидете брзи? Што мислите?“
– Во паркот: „Како мислите дека овој парк може да биде уште позабавен? Зошто?“
– По училиште: „Што беше најзабавното, најсмешното, најлесното, најтешкото нешто во градинка/училиште денес?“
– Ручек/вечера: „Сега ќе ги ставиме компирите да се печат. Погледнете како изгледаат сега. Баш ме интересира како ќе се сменат. Што мислите?“
– Во секое време додека сте на одморот: „Што најмногу сакаш кај баба (или која било друга посебна личност во животот на вашето дете)? Зошто? Што можеме да направиме за да ѝ покажеме на баба колку ја сакаме?“

Прашањата се во ред, но многу е важно да слушате внимателно!
Без разлика на темата на разговорот со детето, потребно е да се обрне внимание и да се покаже интерес за мислите на детето.

Секогаш гледајте го детето в очи додека зборува.

Не прекинувајте. Ако поставите прашање, дајте му на детето доволно време за одговор и да ги најде вистинските зборови за да се изрази.

Велат трпение-спасение. Ова важи и за разговорот со детето. Бидете трпеливи, на детето му треба време да ги искаже своите мисли.

Насмевнете се, кимајте потврдно, користете гестови за да му кажете на детето дека сте заинтересирани.

Охрабрете го детето да одговара како што сака. Не поправајте го, туку додајте објаснувања и описи за да го проширите вокабуларот на детето.

И конечно, уживајте!

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top