Едни по новиот, други по стариот Закон за основно образование ги формираа паралелките со бројот на првачиња во новата учебна година. Некаде бројот на деца достигнува до 33 во одделение, а некаде има по две паралелки за 18 првачиња

Најавите дека нема да има паралелки со повеќе од 30 првачиња не се остварија во сите основни училишта во земјава. Носењето на новиот Закон за основно образование, кој предвидува бројот на деца во една паралелка да не е поголем од 30, не се совпадна со времето кога тие се формираат. Во некои училишта формирале одделенија според старото, а во други – според новото законско решение. Така, сè уште има основни училишта со паралелки со над 30 дечиња.

Од Министерството за образование и наука се категорични дека одредбите во новиот Закон за основно образование според кои во една паралелка може да има од 20 до 30 ученици почнуваат да важат од оваа учебна 2019/2020 година и се однесуваат за новозапишаните ученици во прво одделение.

Според кој закон се запишани учениците во учебната 2019/2020 година, со оглед на тоа дека новиот закон беше донесен на крајот од јули, а во јуни веќе се формираа паралелките, прашавме во неколку скопски општини, во чии училишта вообичаено има поголеми паралелки. Некои велат дека се воделе според стариот Закон за основно образование, односно дека имаат и повеќе од 30 ученици, како што е случајот со Општината Аеродром, а други, пак, дека нацрт-законот за основно образование предвидува помали паралелки (како што ни кажаа од Општина Центар).

Едно од поголемите училишта во Скопје, „Лазо Ангеловски“ од Општина Аеродром, годинава формира шест паралелки со првачиња. Според податоците од МОН, таму годинава се запишаа 198 првачиња. Од Општината ни одговорија дека при формирањето на одделенијата тие се воделе според стариот Закон за основно образование, според кој, „бројот на ученици во паралелката е од 24 до 34“.
– Општина Аеродром сè уште ја нема конечната листа, пред сè поради вакциналните потврди за учениците – велат оттаму.

Директорот на училиштето, Перо Арсеновски, вели дека наставата е на високо ниво и дека поголемиот број деца не прави проблем.

– Ние се водевме според важечкиот закон во моментот на уписите. Ние имаме квалитетна настава со одличен кадар и бројот на деца не е проблем. Општината лани одобри да се доградат четири училници во нашето школо и така во иднина ќе имаме уште подобри услови. Нашето школо е барано и на кадарот му велам дека децата ни се светост и така треба да се однесуваме кон нив. Според бројките што ги имаме, во наредните години се очекуваат и помал број првачиња, така што проблем не очекуваме да имаме – вели Арсеновски.

Училиште кое прими најмногу првачиња во Скопје е „26 Јули“ во општината Шуто Оризари, каде се запишаа вкупно 264 првачиња, од кои 184 на албански наставен јазик и 80 – на македонски. Четиринаесет првачиња помалку има во „Браќа Рамиз-Хамид“ во истата општина. Од Општината не известија дека бројот на ученици што учат на албански јазик надминува 30 во „26 Јули“.

Од општината Бутел ни одговорија дека во нивните училишта нема паралелки со повеќе од 30 ученици во едно одделение.

Најмногу првачиња во оваа Општина се запишани во ООУ „Петар Здравковски-Пенко“ – вкупно 141 прваче, од кои 102 во четири паралелки на албански јазик, 24 во две паралелки на македонски јазик и 15 во една паралелка.

Сите училишта што се наоѓаат на територија на Општина Карпош го почитуваат Законот на основно образование кој неодамна беше донесен.

– Тоа значи дека паралелките со првачиња не ја надминува законската бројка, односно во ниту една паралелка, во ниту едно училиште нема повеќе од 30 деца, туку напротив, некаде има и помалку – велат од секторот за односи со јавноста при Општина Карпош.

И од Општина Центар ни потврдија дека бројот на ученици не им надминува повеќе од 30 ученици во паралелките.
– Уписите беа во мај, а во јуни беа формирани паралелките. Тогаш сѐ уште се водевме по стариот закон, меѓутоа, нацрт-верзијата ја имавме предвид и затоа внимававме да немаме повеќе од 30 ученици. Најмногубројно училиште во нашата општина е „Коле Неделковски“, каде што годинава се запишаа 91 дете во три паралелки. Фактички, само во едно имаме повеќе од 30 – велат од одделението за образование на Општина Центар.



912

X