Воспитување

И децата имаат токсични пријатели

Чувството кое ве тера да го заштитите вашето дете е природно, но во некои ситуации е подобро да не реагирате. Најважно е да го научиме детето како да се справи со тоа и заеднички да смислуваме тактики за решавање проблеми.

Децата можат намерно или ненамерно да им наштетат на своите другари, а најважно е да го научите вашето дете како да се справи со таквото однесување и како соодветно да реагира

Кое однесување кај децата е токсично?

Иако самата придавка „токсично“ е силен збор, особено кога се користи за да се опише дете, некои од нивните однесувања може да се опишат токму така.

Токсично не е однесувањето на детето кое еднаш му кажува лоши зборови на другарчето и му се извинува, туку постојаното практикување на однесување на штета на друг. Некои деца се смируваат во присуство на возрасни, но покажуваат суровост кон другите деца кога возрасните не се присутни.

Ако другарот постојано ве омаловажува, навредува и ве засрамува, дали навистина е другар? – прашува педијатрискиот психолог Ен-Луиз Локхарт.

Постојат неколку причини зошто децата може да се однесуваат токсично. На повеќето од нив им недостига емоционална интелигенција – вели психологот Ерин Леонард.

– Може да имаат нарушување во однесувањето каде што се непријателски настроени кон сите со кои ќе дојдат во контакт или може да бидат многу несигурни, а тоа го компензираат со нарцисоидност – објаснува психологот Леонард.

Понекогаш, за да се чувствуваат сигурни во пријателството, мора да го омаловажуваат другото дете. Како што објаснува психологот, токсичното дете не е свесно или загрижено за тоа како неговото однесување влијае врз другите деца.

Како треба да реагира детето на токсичен пријател?

Тешко е некој, особено ако е дете, да реагира правилно во таква ситуација. Понекогаш децата започнуваат контранапад, додека некои целосно се повлекуваат. Еве неколку совети кои можете да му ги дадете на вашето дете за полесно да се справи со оваа ситуација.

– Игнорирај го однесувањето или оди си. Конфликтот завршува ако вашето дете одбие да учествува во него.

– Постави граница. Вашето дете може едноставно да каже: „Треба да престанеш да кажуваш лоши работи/ да ме задеваш“.

Советувајте го да го именува проблемот. Вашето дете може да му каже на токсичниот другар: „Ти си злобен“, „Не си љубезен“ или „Ме навредуваш со тоа однесување“, што ќе покаже дека вашето дете не сака да одговори со поголема суровост.

Нека се согласат со нив или нека кажат нешто неочекувано. Можеби звучи чудно, но ова може да биде опција за постарите деца кои имаат пософистицирана смисла за хумор.

– Кога некој ќе каже нешто што не ви се допаѓа, понекогаш кажувањето и правењето работи што се неочекувани може навистина да функционира – вели Локхарт.

Ако детето рече: „Зошто ја читаш таа книга? Таа е за бебиња“, вашето дете може да рече: „Уааа, уаа, јас сум бебе“. Детето кое го дало непријатниот коментар веројатно нема да знае како да одговори на тоа!

Како да реагирате како родител и да го поддржите вашето дете?

Најважно е да го разберете детето и колку лошо се чувствува, и да му дадете поддршка. На тој начин уште повеќе ќе ви се отвори. Дозволете му на вашето дете да ги сподели своите мисли, а потоа смислете тактики за справување со нив во иднина. Ако треба, однесете го детето на психолог, некои деца полесно ќе му се отворат на непознат отколку на родителот.

Вашето дете ќе го избере одговорот што најмногу му се допаѓа во моментот, а ако сте смислиле тактика заедно, ќе ви каже и како поминало

Што не треба да прават родителите?

Иако многу родители имаат желба да одат на игралиште и да ги преземат работите во свои раце или да му се јават на наставникот или родителите на токсичното дете, ова навистина не е добар начин. Детето нема да чувствува дека може само да ги решава проблемите, а ќе се посрамоти пред своите врсници. Најважно е да го научите детето да се брани во сите ситуации, нормално, сето тоа да не ја надминува границата на нормалното детско однесување.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top