Магдалена Стојановски, стоматолог

Магдалена Стојановски, стоматолог

ПЗУ „Тера дент“

Повеќе од авторот

Херпес вирусот не исчезнува од организмот, кога еднаш ќе се активира, останува секогаш

Променливите временски услови во овој период од годината значително ја менуваат одбраната на организмот. Секојдневно сме изложени на голем број вирусни и бактериски инфекции. Поради тоа, денешната тема би сакала да ја посветам на уште една не така ретка ситуација кај децата, па и кај возрасните – херпес на устата. Се јавува како резултат на намален имунитет, вирусни и бактериски инфекции, стрес.

Оралниот херпес може да биде локализиран на долната или на горната усна, или на непцето и се нарекува herpes labialis.

Зошто се појавува херпесот

Причина за појава на херпес е херпес симплекс вирусот тип 1 (ХСБ-1). Се појавува во форма на мали меурчиња полни со жолтеникава течност на устата и околу устата. Овој вирус многу лесно се пренесува преку бакнеж, прибор за храна, чаша, марамчиња или пешкир од контаминираното лице. Доколку родителите имаат херпес, многу лесно можат да им го пренесат на своите деца преку различни активности. Херпес вирусот не исчезнува од организмот, кога еднаш ќе се активира, останува секогаш.

Трае 1-2 недели

Симптомите можат да бидат незабележителни (што е ретко), но можат да бидат и доста сериозни. Како први симптоми се појавуваат чешање и пецкање на кожата околу усните, печење, непријатност, црвенило, а подоцна и оток. Пред појава на булите (меурчињата) на херпесот кај детето може да се зголеми телесната температура, да има треска, воспаление на грлото или отежнато да голта. Потоа се појавуваат були исполнети со жолтеникава течност што личат на грозд и предизвикуваат болка на местото. Булите постепено прскаат, течноста истекува, отокот постепено се повлекува, а често има и крвавење на местото на булите.

Херпесот најчесто трае од 7 до 14 дена и спонтано се повлекува. Овој период е доста тежок за детето поради тоа што има болка.

Како да се излекува?

Како што веќе споменав, херпесот не исчезнува од организмот, но во период на појава на булите на устата потребно е да се даваат медикаменти кои помагаат за побрзо заздравување и намалување на болката. Доколку херпесот се повтори повеќе пати, треба да се спроведе антивирусна терапија. Антивирусното лекување го скратува времетраењето на избивање на херпесот. Најчесто се препорачува користење на ацикловир маст или херпесан маст, кои помагаат за ублажување на болката и побрзо лекување.

Се препорачува консумирање на полесна храна, многу течности, мирување, витаминска терапија, внесување повеќе Б-витамин. Исто така, како превенција за појава на херпесот на уста добро е да се преземат мерки за зајакнување на имунитетот.

Да се избегнува пипкање на херпесот на устата со прсти, бидејќи би дошло до проширување на херпесот и на други места на кожата на лицето. Да не се користат исти пешкир, прибор за исхрана и чаша со детето што веќе има херпес.



912

X