Хемороидите се честа појава, особено кај трудниците, но кај повеќето жени што имаат хемороиди поврзани со бременоста тие се привремен проблем. Хемородидите се отечени вени кои се развиваат околу анусот. Кога ќе се појават, може да предизвикаат болка и крвавење. Секој може да развие хемороиди, но трудниците се во поголем ризик. Според OWH (Канцеларијата за женско здравје), до 50 отсто од трудниците развиваат хемороиди. Според објавата во списанието „Светот на гастроентерологија“, хемороидите се чести во текот на третото тримесечје од бременоста.

Што се хемороиди?

Хемороиди се отечени, но нормално присутни крвни вени во и околу анусот и долниот дел од ректумот (задното црево), кои се проширени под притисок, слично како и проширените вени на нозете. Најчеста причина за појава на хемороиди е напрегањето кај цревната перисталтика. Дополнителни елементи се бременост, генетика, стареење, хроничен запек, пролив, долготрајно седење и анални инфекции. Хемороидите може да предизвикаат различни симптоми, меѓу кои: крвавење, оток, чешање, болен оток околу анусот.

Кои симптоми се за внатрешни, а кои за надворешни хемороиди?

Хемороидите може да бидат надворешни или внатрешни. Внатрешните настануваат на почетокот од аналниот канал, а надворешните на аналниот отвор. За внатрешните може да е потребно лекување, како лекови или неоперативни методи, но надворешните не бараат лекување ако не предизвикуваат непријатност. Симптомите може да се разликуваат зависно од тоа дали хемороидите се внатрешни или надворешни.

Симптомите на внатрешните хемороиди вклучуваат: ректално крвавење (лицето може да забележи крв на тоалетната хартија или во тоалетната школка), пролапс на хемороиди (се случува кога внатрешен хемороид ќе падне низ анусот поради напрегање. Лицето што има пролапс може да почувствува болка и непријатност). Од друга страна, внатрешните хемороиди обично не се болни. Надворешните настануваат на надворешната страна од анусот. Симптомите може да се: чешање околу анусот, болни и тврди форми во близина на анусот, болка која се влошува при седење. Симптомите може да исчезнат по неколку дена.

Зошто хемороидите настануваат во текот и по бременоста?

Во бременоста плодот врши дополнителен притисок на ова подрачје. Како резултат на тоа, хемороидите може да се развијат и по бременоста. Особено се чести по породувањето. Зголемената матка создава притисок врз вените и таканаречената долна шуплива вена (најголема вена во телото, сместена во стомакот, прима крв од карлицата и двете нозе). Тоа може да го забави враќањето на крвта од долниот дел на телото, што го зголемува притисокот во вените кај карлицата и вените на нозете, па тие стануваат проширени. Опстипацијата, односно запекот е следен чест проблем кој може да предизвика зголемување на хемороидите. Кога столицата не е редовна, долготрајното седење на тоалет и напнувањето доведуваат до наведената состојба. Во бременоста доаѓа и до зголемено ниво на хормонот прогестерон, кој предизвикува релаксација на ѕидовите на вените, правејќи ги чувствителни на механичките дразби, па полесно доаѓа до крвавење. Прогестеронот, исто така, ја забавува работата на цревата и со тоа придонесува за развој на опстипација. Други чести предизвикувачи на хемороиди се: хронична опстипација, напрегање за време на голема нужда, исхрана со малку растителни влакна, седење на тоалет подолго време, кревање тешки предмети, слабеење на потпорното ткиво околу анусот за време на бременоста.

Превенција за настанување на хемороиди

Превенцијата вклучува: јадење храна богата со влакна, пиење вода, избегнување напрегање во текот на столицата, избегнување кревање тежок товар, избегнување долго седење во тоалет.

Треба ли да посетите лекари?

Треба да посетите лекар ако почувствувате тврд израсток околу анусот, бидејќи тоа можеби е тромбозиран хемороид. Побарајте итна медицинска помош ако наидете на неконтролирано анално крвавење. Не е необично да се развијат хемороиди по или за време на бременост, особено по породување. Повеќето хемороиди самите се расчистуваат во рок од неколку недели, иако некои може да се задржат со месеци. Ако ви се чини дека хемороидите не се повлекуваат, обратете се на лекар.

Автор: Ана Хлача

Извор



912

X