Таа се залага за еднаквост на половите – девојчињата можат сè што можат и момчињата!
Хелена Мориси има успешна кариера, големо семејство и фантастичен изглед!
Сепак, тоа не е доволно да се опише фантастичната дама. До 35-тата година успеала да создаде вистинска бизнис-империја – таа е на чело на осигурителната компанија „Легал анд генерал“, која има на располагање 983,3 милијарди фунти и е водечка компанија во Велика Британија што се занимава со финансиски услуги.
Луѓето велат дека таа е супержена
Хелена се залага за рамноправност меѓу половите, член е на неколку хуманитарни организации за борба против ракот, борец е за почиста и поздрава околина… Освен што е успешна бизнис-жена со истакната позиција во општеството, Хелена е и мајка.
Фото: Јутјуб
Верувале или не, таа роди 9 деца – синот Фик (26), ќерката Фло (23), близнаците Мајли (19) и Тепи (19), ќерката Клара (18), Октавија (15), синот Тео (12) и ќерките Сесил (10) и Беа (9).
– Луѓето велат дека сум супержена, модел на кој сите треба да се угледаат, и сето тоа можеби изгледа така. Но не е. На работа сум многу професионална, но дома ги имам истите секојдневни обврски и предизвици како и секоја друга жена и домаќинка – скромно изјави Хелена за „Дејли мејл“.
Некои ќе речат дека ѝ е лесно бидејќи е богата, но не ѝ било сè мед и млеко во животот. Богатството го стекнала со долгогодишни одрекувања, со труд и макотрпна работа. Ни со породувањата не било лесно – со првото дете имала прееклампсија, со другото обилни крвавења, а и при наредните породувања имало мали проблеми.
Нејзините блиски луѓе ја прашувале зошто сака толку деца.
– Обожавав да раѓам бебиња. Да не беше навистина лесно, немаше да родам девет. Сите се родени по природен пат – вели гордата мајка.
Хелена стана баба
Многу жени забележале една работа – по девет породувања и на почетокот на шестата деценија, Хелена изгледа феноменално!
– Во моето семејство сите се слаби. Освен тоа, се трудам да одам на пилатес трипати неделно за да имам тенок струк – вели таа.
Иако е многу богата, таа нема тони гардероба.
– Купувам преку интернет. Имам неколку фустани кои знам дека добро ми стојат и ги носам по редослед. Имав еден црвен фустан што го носев буквално додека не се распадна, а потоа си купив ист таков на распродажба.
Оваа неверојатна жена пред неколку дена се оствари во уште една важна животна улога – првпат стана баба.
– Добив внуче порано отколку што очекував. Веројатно така се чувствувам зашто како да беше вчера кога Беа беше бебе – вели Хелена.