Родителите често се жалат на намален апетит кај своето дете. Меѓутоа, вообичаено е децата на возраст од две до пет години да го изгубат апетитот. Различни болести, анемија и стрес се само некои од причините поради кои детето може да го изгуби апетитот. Понекогаш тоа е и причина за загриженост, но некогаш е и нормална појава. Ова се деветте најчести причини за губење на апетитот кај децата:
Забавен раст
Промената на растот кај децата може да доведе до губење на апетитот. Во текот на првата година децата забрзано растат, но потоа растот се забавува. Во тој период намалувањето на апетитот е нормална и вообичаена појава. Имено, според експертите, децата во втората година во просек би требало да добијат 2,3 килограма и да пораснат 12 сантиметри, за разлика од првата година од животот кога се очекува да добијат 7 килограми и да пораснат 21 сантиметар.
Болест
Болест може да предизвика значително губење на апетитот. Болка во грлото, стомачен вирус, пролив, главоболка, температура, ова се само некои од причините поради кои детето може да јаде помалку отколку вообичаено. За среќа, на повеќето деца откако ќе оздрават им се враќа апетитот.
Стрес
Стресот може да има големо влијание врз малите деца, а еден од главните симптоми на стрес е и губењето на апетитот. За да се реши тоа прашање, мора да ја откриете и причината поради која детето чувствува стрес. Некои од вообичаените причинители за стресот кај децата се: смрт на член од семејството, раѓање на брат или сестра, смрт на домашно милениче, ако детето е жртва на насилство, притисок од училиште, преголеми очекувања од родителите.
Депресија
Повеќето родители погрешно ја поистоветуваат депресијата со тагата. Но, тагата со текот на времето поминува, а депресијата не. Депресијата не само што го прави детето тажно, туку го попречува и неговиот нормален живот. Депресијата ќе ја препознаете ако детето губи интерес за некои вообичаени активности во својот живот што некогаш го веселеле. Тука е и промената на прехранбените навики како знак за депресија. Ако се сомневате на оваа причина, би било добро да побарате медицински совет.
Нарушување во исхраната
Понекогаш во желбата да ги копираат своите идоли, децата развиваат психолошка одбивност кон храната, па се обидуваат да издржат без неа колку што е можно повеќе. Дури и кога јадат, избираат намирници со ниско ниво на масти, но подоцна се чувствуваат виновни што ги јаделе. Генетиката, хемиската нерамнотежа во мозокот и развојните проблеми, исто така, може да ја предизвикаат. Ако вашето дете избегнува храна, претерано вежба и губи килограми, можеби пати од нарушување во исхраната. Здравото враќање на апетитот би можело да биде задача за здравствен експерт.
Лекови
Антибиотиците, но и некои други лекови може да доведат до губење на апетитот кај децата.
Анемија
Анемијата е уште една од причините. Анемичните деца изгледаат изморено, летаргично и често се раздразливи. Ако не се лекува, анемијата може да го попречи детскиот развој и напредувањето во училиште. Ако се сомневате, време е за анализа на крвта.
Глисти
Глистите во цревата може да го ослабат детскиот апетит. Влегуваат во дигестивниот систем и таму живеат како паразити предизвикувајќи цревно крвавење, губење на апетитот, дизентерија и слично. Лек за нивното отстранување може да се добие во аптека.
Запек
Неправилната работа на цревата кај децата може да доведе до запек. Губењето на апетитот кај децата, исто така, може да доведе до запек. Запекот ќе го препознаете по изразено тврдата столица со која детето ќе се мачи и која „никако нема да излезе надвор“.
Како да го подобрите апетитот на вашето дете
Постојат природни начини како да го подобрите апетитот на вашето дете. Децата сакаат ужини, па направете паметен избор. Наместо грицки, вие послужете му здрава ужина која ќе се состои од зеленчуци или јаткасти плодови наместо чипсови и сендвичи. Не дозволувајте им да ужинаат кога е време за оброк и одржувајте соодветно растојание меѓу оброците. Кикиритките, исто така, може многу да помогнат во зајакнување на апетитот. Ако детето одбива да пие млеко, калциумот надоместете го преку сирење, јогурт, урда и слично. Ѓумбирот е исто така добар покренувач на апетитот, а е здрава намирница. Се смета и дека лимоновиот сок, ѓумбирот и оцетот го стимулираат гастричниот секрет и апетитот. Се препорачува и да мешате различни видови зеленчук за да не преовладува само една одредена боја. Направете смути со јагоди, банани, мраз и јогурт за да ја направите храната интересна. Исто така, може да внесете и нови вкусови.
Ако апетитот на детето не се врати во нормала, и покрај преземените мерки, тогаш најдобро е да го однесете на педијатар за да се провери неговата состојба. Немојте да го казнувате детето ако не јаде, напротив, набљудувајте како тоа се однесува и дали постои некој одреден шаблон кој ќе може да го споделите со лекарот.
Има и некои трикови што ќе помогнат при губење на апетитот кај децата:
– Гответе интересни јадења, кои и визуелно ќе бидат интересни.
– Не казнувајте го детето ако не јаде;
– Приспособете го распоредот на јадење за да служите оброци кога детето е гладно;
– Охрабрувајте го детето да прави здрави избори;
– Служете мали порции во регуларни интервали;
– Охрабрувајте го детето да биде физички активно;
– Не принудувајте го детето да јаде ако не е гладно. Исто така, лоша идеја е и ако го терате да ја дојаде храната, а едноставно не може.
Недостигот на апетит може да влијае врз долгорочниот раст и развој на детето. Па, ако сметате дека вашето дете јаде помалку од вообичаено, прво набљудувајте дали има одредена рамка на однесување во врска со апетитот, проверувајте ги неговата висина и тежина и крајно, можете да земете и вештачки стимуланси кои го поттикнуваат апетитот кај децата, во врска со кои ќе се консултирате со лекар и фармацевт.
Автор: Санџана Лагуду