Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам 31 година, имам високо образование, вработена сум и имам ќерка од речиси 3 години. Ќерка ми е здраво дете, нормално во секој поглед, темпераментна, зборува течно и разбирливо, а пелени не користи, ги откажа без проблем. Ова го пишувам за да ви доловам дека немам некој посебен проблем со неа. Единствено што ми пречи е кога „барам“ од неа нешто да направи. На пример, ќе ѝ кажам да не скока по креветот, дека е опасно и може да падне и да се повреди, ѝ предлагам да играме криенка или да ручаме како алтернатива, но многу често не ме перципира што ѝ зборувам. Таа си продолжува по свое, сè додека не ја искарам со висок тон, а во последно време сум забележала и дека треба да ја удрам по газето (не силно), само како знак дека јас зборувам веќе подолго време за да ме послуша. Потоа, макар и да не ја удрам, следува плачење на цел глас. Кога јас би поминувала покрај таква куќа и би го слушнала таквото плачење, сешто би си помислила, а таа плаче ни допрена, а камоли малку да ја удриш.

Не сум родител кој смета дека ќотекот излегол од рајот, но едноставно понекогаш излегувам од контрола. И се беше ок додека беше понекогаш, но во последниот месец тоа е претерано од моја страна. За да не ја удирам, забележувам дека во тој момент прегласно ѝ се обраќам. По ова свесна сум дека не сум во право, таа е само дете кое за таа возраст е и повеќе од напредно, свесна сум дека таквото викање може да остави последици врз детето, а не сакам да ѝ го правам тоа, не сакам да ја трауматизирам. Го сакам сопственото дете и му го посакувам најдоброто, како и секоја друга мајка. Со сопругот сме во добри односи, но тој многу често е отсутен од дома поради работата. Живееме со неговите, од кои имам помош, но како и сите други повозрасни луѓе, знаат да дофрлат по нешто, најчесто во врска со одгледувањето на детето. По работата јас се грижам за неа – прошетки, ужини, вечера, играње со неа. Да напоменам дека домашните обврски ги извршувам навечер за во текот на денот и за време на викендите да бидам со неа.
Ве молам за совет и помош како да останам смирена, не сакам да ѝ викам, тоа не е во ред, таа заслужува нормална мајка која не е хистерична. На крајот на краиштата, не сакам и сопственото здравје да си го нарушам. Отсекогаш сум била нетрпелива и брзо сум избувнувала, но ова е претерано. Си имам залепено стикери на неколку места со натписи „не ѝ викај“, „тивко разговарај со неа“, „таа е само дете“, „кога сакаш да ѝ викаш, насмевни се и гушни ја“, „поминувај повеќе време со неа, брзо ќе порасне“, но гледам дека ова не функционира. Свесна сум дека ова е проблем, но сакам да го решам.

Прашува: читателка

ОДГОВОР: Вие сте родител кој е исклучително самокритичен и кој премногу се труди да ги стави работите во ред, најмногу да стави ред во развојот и растењето на сопственото дете. Во вашето писмо јас читам како ве вади од колосек непланирано и неконтролирано однесување, поврзано со вашето чувство на „дали сум доволно добар родител“, искомбинирано со потребата да направите толку многу за вашето дете и да ја задоволите секоја нејзина потреба во однос на она што на околината и на другите им е потребно. Ох, и мене ми се сврти паметот сега, а верувам дека истото чувство го имате и вие, што на крај и го носите… Ова за што пишувате јас би го нарекла „преродителствување“ – преголемо навлегување и сериозност на преземање на улогата на родител, каде што родителот се обидува да ги стави под контрола сите „неконтролирачки“ процеси на растењето, а притоа да ја задржи, не за себе, туку за другите сликата на „добар родител“.

Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт

Верувајте, не сте единствена, многу родители се на вашето место. На овој начин, и во животен простор кој го создавате со вашето дете искрено нема многу воздух да се дише, ни за вас ни за неа поради вашата преголема присутност во нејзиниот живот, и родителска контрола и загриженост, а таа на нејзини 3 години во потреба да прави сама, да потврдува индивидуалност, да пркоси за да се осамостои. И сето тоа вас ве вади од кожа, што е разбирливо затоа што таа не секогаш ве поддржува во напорите и самостојно избира да не ве послуша за да може да си обезбеди простор за себе, кој нема да биде опсервиран и инструиран од вас ниту од кој било друг. Според мене, тоа е нејзино природно движење, со кое се омеѓува себеси како посебна личност.

Во вашето родителствување има и премногу фиксирана себерефлексија поврзана со чувство на вредност, која знае да ви донесе и преголема вина, обвинување и размислување и да ве стави во оној маѓепсан круг на постојано преиспитување, дали правам сè што е потребно?

Значи, имате прекрасно, активно, креативно девојче, кое расте со целиот свој капацитет, најмногу затоа што има присутна и грижлива мајка и на кое треба да му дозволите и да биде поинакво од вас, да биде и погласно. Не ечи само вашата куќа од плач. Многу куќи се такви, час ечат од детски џагор и смеа час од детски плач. Оставете ја нека се бунтува против вас, воедно размислете на кое однесување да поставите и многу појасни и подоследни граници. Ок е да забранувате одредено однесување кое сметате дека е ризично и поради тоа да ѝ одземате одредени привилегии доколку не го коригира или, пак, еве идеја да изнајдете друга алтернатива на тоа ризично однесување преку која исто така ќе почувствува големо задоволство. Да ви признам, тоа не ве прави „лош“ родител, тоа ве прави авторитет и главна личност кај вашето дете.

Вие сте свесни дека сте и преоптоварен родител со сите дополнителни животни улоги и обврски, па и покрај тоа сакате сè да биде сјајно изработено, разбрано од секого, а вие одморени??? Знајте дека на вашето дете сте му потребна вие, реална и присутна, одморена и изморена, радосна и лута, но јасна, понекогаш и построга и подиректна. И, секако, кога родителите немаат поставено приоритети, и имаат купишта „важни“ обврски, и најмало одбивање на послушност од родено дете, кое патем треба нели најдобро да нè разбере, може да прерасне во нагласен непокор кој иритира.

Децата вреват, се спротивставуваат и ги рушат авторитетите. Спремни се на манипулација и погаѓаат токму онаму каде што најмногу нè боли. Таа има само три години, нејзиното допрва доаѓа, а претходно потребно е вие да одлучите многу побитни работи за себе, поточно да одговорите на прашањава: Каков родител сакате да бидете за вашето дете? Какво чувство сакате да креирате кога сте заедно? И, секако, кои ви се приоритетите како родител?
Би препорачала нареден пат кога вашата ќерка ќе се качи на креветот и ќе почне да скока, да ѝ се приклучите и заедно да уживате во магијата што ја создавате. Ви препорачувам и не секогаш да е средена куќата за да уживате. Ви препорачувам да се смеете од срце и да плачете наглас и цело маало да ве слушне. Затоа што тие мигови се паметат, миговите на несекојдневно уживање заедно. Ви посакувам убава авантура…

Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X