Новогодишните и божиќните празници со грип го поминале 207 граѓани во земјава. Грипот полека почнува да зема замав, а пресметките според бројот на пријавени случаи на болни со симптоми на овој вирус во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) покажуваат зголемување за 31% на бројот на заболени во првата недела од годината во споредба со претходната. Најмногу заболени биле возрасни од 15 до 64 години, а меѓу децата, најмногу се разболувале од овој вирус оние до 4 години.

Најголем број случаи со симптоми на грип се пријавени од подрачјето на Струмица и на Гостивар.
Инаку, во сезоната 2019/2020 (по појавата на првиот случај пред истекот на минатата година) вкупниот број на случаи на заболени од грип изнесува 1.035.

Проветрувајте го домот и не мешајте се со болни

– Проветрување кога не е загадено, кивање, кашлање во шамиче, избегнување контакт со болни, редовно миење на рацете се генерални препораки за заштита. Во зима луѓето повеќе се во затворени простории зашто е студено и тоа се моментите кога вирусот се шири – вели д-р Александар Стојанов од скопскиот Центар за јавно здравје.
Бројот на пријавени лица оваа недела споредено со првата недела од минатата сезона е зголемен за 5,6%.
Епидемиолозите објаснуваат дека сѐ уште не е достигнат прагот на влез во сезоната на грип.

Епидемиолозите од ИЈЗ велат дека вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Оттаму советуваат вакцинација, особено на лица што припаѓаат на т.н. ризични групи (согласно препораките на СЗО): постарите лица (над 65 години); деца на возраст од 6 до 59 месеци; лица постари од 6 месеци со хронични болести; бремени жени и здравствени работници.

Фото: Борче Поповски

Инаку, во поголемиот дел од земјите во регионот доминантен е грипот од типот А, кој се смета за поопасен.

Заболувањето има ненадеен почеток со висока температура, главоболка, општа премаленост, истоштеност, болки во мускулите и во зглобовите, црвено и болно грло, гребење во грлото, солзење на очите и секреција од носот, како и кашлица која најчесто е сува, непродуктивна. Секој заболен не мора да ги има сите овие симптоми, а кај дел од заразените лица болеста може да помине и без симптоми (според податоци од некои студии, тој процент се движи од 20 до 30 отсто) или, пак, со благи симптоми на настинка.
Во ретки случаи доаѓа до развој на компликации, на кои особено се подложни лицата со низок имунитет.

Не се лекува со антибиотици

Лекарите потсетуваат дека грипот е вирус, а на вирусите не дејствуваат антибиотици. Затоа при заболувањето треба да се слушаат лекарите кои всушност и ја одредуваат терапијата и за децата и за возрасните.
– Антибиотиците лекуваат исклучиво бактериски инфекции или се користат за нивно спречување. Не лекуваат настинка или грип. Докторот е тој што ќе препорача кој антибиотик ќе го користите, кога, во која доза и колку долго. Улогата на фармацевтот е да ве посоветува како се користи антибиотикот и да ве предупреди на можни алергиски реакции, и на тоа со кои лекови и храна може да се зема – објаснува доктор.



912

X