Родителите што не се старатели на децата по развод реагираат дека во овие услови на вонредна состојба во државата не можат да ги остварат ниту минималните видувања со своите деца.

– Примарните родители самоволно ги прекршуваат решенијата за видување издадени од центрите за социјални работи со изговор за вонредната состојба и мерките за ограничување на движењето. Знаеме и од претходно дека центрите за социјална работа немаат соодветни механизми како да обезбедат извршување на своите решенија, па најчесто го игнорираат проблемот и оставаат родителите да се договорат (но, да можеле да се договорат, немаше да има потреба да се инволвираат центрите). Ситуацијата е дополнително влошена со редуцираното присуство на службениците во центрите на нивните работни места и продолжените рокови за одговор во управните постапки, поради вонредната состојба – е наведено во соопштението од Граѓанска иницијатива за заедничко родителство.

Со тоа, велат оттаму, добар дел од секундарните родители не можат да ги остварат ниту минималните видувања што ги пропишува државата, а немаат ниту каде да се обратат за помош.

– Ги повикуваме надлежните од Министерството за труд и социјална политика да излезат во јавност и да го соопштат очигледното – вонредната состојба не влијае врз родителските права и родителските контакти, па затоа издадените решенија за видување продолжуваат да важат и во оваа ситуација, нормално приспособени на рестрикциите за движење – апелираат од здружението.



912

X