Дали спроведувањето на протоколот е изводливо во сите градинки, особено во населбите во кои има многу деца што ги посетуваат и групите се големи? Секоја градинка се соочува со различни предизвици, а голем дел од кадарот не е докрај сигурен дека ќе може правилата целосно да се испочитуваат

До 6 деца во малите групи, а 15 во поголемите, растојание меѓу креветите и масичките на децата, потврди од родителите дека мора да одат на работа, маски за вработените, дезинфекција неколку пати дневно се само дел од правилата напишани во протоколот за активности во установите за згрижување и воспитание на деца – градинки и центри за ран детски развој, по престанување на траењето на вонредната состојба. Владата го усвои, а градинките треба да го применат по нивното отворање. Но дали неговото спроведување е изводливо во сите градинки, особено во населбите во кои има многу деца што ги посетуваат и групите се големи?

Усвоени правилата за работа на градинките по вонредната состојба

Секоја градинка се соочува со различни предизвици, а голем дел од кадарот не е докрај сигурен дека ќе може целосно да се испочитува протоколот. Директорите апелираат да не се носат децата кои има кој да ги чува, за да им се даде предност на родителите што мора физички да присуствуваат на работното место.
Разговаравме со раководството на 4 поголеми градинки во главниот град.

Мал простор – многу деца

Маја Ристовска, директорка на градинката „Росица“ во Општина Ѓорче Петров, која има 5 објекти, вели дека имаат услови да ги спроведат протоколите во еден дел, а за друг не знаат дали ќе успеат да ги испочитуваат.

Маја Ристовска

– Имаме закажано повторно дезинфекција на просториите. Предвидено е во една занимална да има шест деца во малите групи, а до 15 во поголемите. А ние имаме многу деца, имаме една група со 45 деца, па не знам како тоа би се извело во практика со оглед на тоа дека нема доволно простор. Од друга страна, пишува дека во занималната нема да смее да влезе друг човек, но вработените од кујната мора да влезат да им донесат храна, а хигиеничарките мора да чистат на два часа. Така што, невозможно е да не влегува никој. Потоа, треба да се одржува одредено растојание меѓу децата, но ако се 15 деца во просторот, тогаш секое треба само да си игра. Ако едно дете си игра со една играчка, друго не смее да си игра со истата, што исто така е предизвик. До пред состојбава имавме 850 дечиња, сега по завршувањето на вонредната состојба се пријавија 726. Сметам дека мора и родителите да ги подготвуваат дома децата, да им зборуваат дека не смеат да се гушкаат и да се доближуваат додека се во градинка – вели Ристовска.

Елена Устамитова, директорка на „Буба мара“ во скопски Аеродром, вели дека ќе мора да го испочитуваат протоколот и дека за објектите во оваа градинка е добро што имале многу идни првачиња.

Елена Устамитова

– Добро е што протоколот е за откако ќе заврши вонредната состојба. Веќе преземаме мерки според него. Добро е што кај нас околу 80 проценти од децата од големите групи се отпишаа зашто ќе бидат првачиња и затоа ќе направиме услови. Ние сега во објектите ги вадиме теписоните, кои не се дозволени, меѓу другото, за да може да го приспособиме подот да е безбеден за децата – вели Устамитова.

Не може цел ден да се во креветче

Градинката „Фидани“ во Чаир има шест објекти, клонови на градинката. Директорката Гзиме Бакиу вели дека родителите пријавиле мал број деца кои би оделе откако ќе се отворат. Имено, од 900 деца запишани во оваа градинка, би пошле 75.

– Ги имаме протоколите, сè од условите исполнуваме без никаков проблем. Иако објектите не работат, редовно се чистат и се дезинфицира сè што е внатре. Чекаме да бидеме тестирани за Ковид-19. Е сега, дали сето ова ќе функционира во практика, јас сум скептик, бидејќи дечињата се навистина мали. Не знам како би се одржувала социјална дистанца. Бебињата се мали, а невозможно е по цел ден негувателките да ги држат в кревет. Тоа може да биде проблем. И во поголемите групи, ако има две-три дечиња во група, не сум сигурна колку би издржале, тие си сакаат друштво. Што се однесува до активностите, можеме да ги правиме надвор, имаме услови за тоа, но со одржувањето дистанца се плашам дека може да имаме проблем – вели Бакиу.

Предност за оние што мора да одат на работа

И м-р Павлинка Топузоска, директорка на скопската градинка „8 Март“, вели дека ќе ги направат сите напори за почитување на протоколите и дека прават план за да се организираат групите според насоките од протоколот.
– Во изминатиов период беше направена дезинфекција на сите седум објекти од општината и во најава е повторно дезинфицирање пред отворање на градинките. Во текот на следната недела ќе се дезинфицираат душеците во сите објекти. Направивме дезинфекција на климите, на играчките, го реуредуваме просторот во градинката и во дворовите… Набавени се доволно дезинфициенси, како и заштитна опрема за вработените, а во план ни е да направиме дезинсекција и дератизација на просторот, како и проверка на квалитетот на водата – објаснува Топузоска.

М-р Павлинка Топузоска

Таа вели дека се свесни за потребата од згрижување на децата додека нивните родители се на работа.
– Но, би упатила апел до тие родители што може да работат од дома да им отстапат место во овој период на родителите што навистина нема на кого да му ги остават децата, а работните задачи бараат физички да бидат присутни на нивните работни места. И би додала при носење на децата во градинка, родителите најодговорно да ги почитуваат укажаните насоки од вработените – додава Топузоска.



912

X