Родителите што ќе користат платено отсуство од работа за да го чуваат детето во наредните две недели додека траат мерките за спречување на коронавирусот и не работат образовните установи, отсуството треба да го пријават кај работодавецот. Имено, Владата дозволи платено отсуство на еден родител на деца до 10 години во текот на наредните две недели, како и на родител на дете постаро од 10 години со попреченост кое оди во дневен центар.
– Отсуствата од работа ќе се докажуваат со потврди кои ќе ги издаваат градинките и основните училишта, на име на родителот-корисник на мерката за ослободување од работа поради грижа за дете со навршена возраст до 10 години, во кои ќе биде наведен и временскиот период за кој се однесува. Тие ќе треба да се достават до секторот за управување со човечки ресурси или раководителот/директорот на институцијата/компанијата во која работи, до терминот за пресметка на следната плата – информираат од МТСП.
Потврдите ќе се издаваат во градинките по завршувањето на мерките, а градинките и училиштата веќе ги информираат родителите за тоа.