Родителите кои немаат кој да им ги чува децата треба да побараат информација и помош во градинките во општината во која живеат

Учениците од 6 до 10 години, кои не можат да седат сами дома во текот на летниот распуст, а нема кој да ги чува, може да бидат згрижени во градинка во општината во која живеат. Но, за да бидат запишани, треба да се оформи група. Иако законот вели дека групата треба да е од 20 до 30 деца, некои градинки им излегуваат во пресрет на родителите, иако има барања за згрижување од помалку родители. Во други, пак, велат дека немаат можност за згрижување зашто немаат доволно кадар за тоа.

Родителите што немаат кој да им ги чува децата треба да побараат информација и помош во градинките во општината во која живеат.

Фото: КолектиФ Прес

Може да бидат одбиени

Од Министерството за труд и социјална политика објаснуваат дека согласно чл. 57 став 2 од Законот за заштита на деца, ,,детска градинка може да обезбедува престој и исхрана и за деца над шест години, односно од поаѓање во основно училиште до 10-годишна возраст“.
– Согласно чл.64 став 3, во зависност од возраста на децата, може да се организира група со деца од шест години (односно од поаѓање во основно училиште) до десет години. Треба да има од 20 до 30 деца за да се формира група – велат оттаму.

Градинките во Општина Карпош, велат оттаму, се обврзани да прифаќаат дечиња од 6 години нагоре, доколку има потреба.

– Има оформено групи во неколку градинки низ Карпош, се разбира, онаму каде што навистина има потреба, односно каде што родителите немаат каде на друго место да ги остават своите деца. Ова е одлична можност за згрижување и поминување на слободното време во ваква установа. Условите и за овие дечиња се исти како и за оние што посетуваат градинка, и плаќањето се одвива во иста насока. Поради реонизацијата што е направена од поодамна, како во секое училиште така и во секоја градинка од Општина Карпош се згрижуваат деца само од оваа општина – велат оттаму.

Во градинката „Весели цветови“ во скопската населба Кисела Вода има една група од околу 15 ученици што се згрижени од вработениот кадар. Директорката Валентина Божиновска вели дека немаат кадровски капацитет за згрижување повеќе деца.
– Тоа се нашите можности – објаснува таа.

Посебна програма

Во Општина Аеродром 35 деца на возраст од 6 до 10 години веќе посетуваат градинка. За да се запише дете налето во градинка, од Општина Аеродром објаснуваат дека родителите прво треба да се обратат во Управата на градинката, каде што ќе пополнат пријава за упис.

– Постои посебна група што работи според посебна програма со овие деца. Во Општината таква група има во градинката „Срничка“, објект „Чекорче“. Ваков интерес постои со години. Цената е иста како и редовната, 1.490 денари месечно. Децата мора да се жители на Општина Аеродром – велат оттаму.

Инаку, во некои од градовите можностите за згрижување ученици од 6 до 10 години родителите ги користат и во текот на годината. Во Битола во основните училишта нема целодневна настава, па голем дел од децата во текот на школската година по училиште одат во градинка, каде што пишуваат домашни задачи, учат, си играат, се дружат…

Снежана Тодоровска, директорка на градинката „Мајски цвет“, објаснува дека сега се намалува бројот на учениците што се згрижуваат во градинката.
– Сега поради одморите се намалува бројот на деца од 6 до 10 години. Инаку, кај нас престојуваат многу деца или пред или по училиште, т.е. прва или втора смена. Во училиштата нема целодневна настава и ние ги згрижуваме додека да се вратат родителите од работа. Така кај нас постојано е отворена оваа можност за престој – вели Тодоровска.



912

X