Негувателката Татјана Богдановска со години наназад од обичните бели ѕидови во објектите на градинката „Росица“ во скопската населба Ѓорче Петров создава вистински приказни во боја. Им се радуваат децата, родителите, вработените, како и сите гости што доаѓаат во посета

Малата сирена и морскиот свет, џуџињата од приказната за Снежана, илустрации од Симба и самовили… Ова се само дел од цртаните ликови што се насликани и распослани по внатрешните и надворешните ѕидови на клоновите што се дел од градинката „Росица“ во Општината Ѓорче Петров. Татјана Богдановска, која работи како негувателка во градинката, од обичните бели ѕидови создава вистински приказни во боја, од кои им запира здивот на децата, на родителите, вработените, како и на сите гости што доаѓаат во посета на објектите. Вели дека цртежите ги инспирираат децата и прават тие да се чувствуваат поубаво меѓу нивните омилени цртани ликови.

Децата се задржуваат пред сликите

– Сликите на ѕидовите се прекрасни. Моето дете, кое веќе две и пол години оди во оваа градинка, секогаш застанува пред нив. Интересно е што буквално секој ден им се радува, покажува нешто ново од сликата што дотогаш не го видело, понекогаш дури и им зборува. Исто е и со паното во ходникот, премногу се радува кога има нешто ново и понекогаш тука се задржуваме по 10 минути за да ги разгледа сите цртежи – вели Ивана К.

Богдановска е ликовна уметница, а паралелно студира и графички дизајн.
– Во ова што го правам има многу љубов. Јас ги работам сите техники, па воопшто не ми е проблем кога цртам мурали. Цртежот прво грубо го поставувам со молив, откако претходно договараме со стручното раководство што да се слика, а потоа почнувам – ни раскажа таа.

Татјана Богдановска

И со малку може да се постигне многу


– Сè што е позитивно, сето она во кое се вложува љубов и креативност, се разбира дека е добро прифатено од луѓето. Сите мои активности се инспирирани од љубовта кон децата. Мислам дека не треба да размислуваме во насока на тоа дека треба само да дојдеме на работа, да сработиме и да си заминеме, туку секогаш треба да се стремиме да создадеме што повеќе. Имам насликано мурали во сите објекти. На пример, во објектот „Пампурче“, на ѕидот во делот кон спалната насликав штрумф со перниче в рака, а Пинокио е нацртан во една од занималните. Во „Калинка“, пак, на еден од ѕидовите е џуџето Глупчо, како и принцезата и жабокот. За сето ова не се потребни многу пари. Јас работам со кантички боја и четка. Ако човек е креативен и сака да го работи тоа што го работи, со многу малку може да постигне многу – додава Татјана.

Играчки од сунѓер

И директорката Маја Ристовска вели дека реакциите кај луѓето кога ќе ги видат муралите се позитивни.
– Секој објект што е дел од нашата градинка различно се црта. Цртежите се преубави, а овие активности наидуваат на позитивни реакции и кај родителите и кај децата – вели Ристовска.

За претставата „Моите пет сетила“ беа изготвени нови дидактички нагледни средства

Оваа градинка е позната по тоа што во неа со години наназад се прават кукли од сунѓер. Татјана вели дека и последната претстава била одиграна со такви кукли и дека сите биле воодушевени од креациите.

Росица е една од најстарите градинки – постои од 1965 година. Во нејзини рамки функционираат клоновите „Детелинка“ и „Калинка“. Од пред шест години почна да работи и објектот „Пампурче“, а во 2014 година е отворен клонот „Рипчиња“.
Во овие објекти се згрижени вкупно 1.250 дечиња.



912

X