Кога го видела својот син како на „Тик-ток“ гледа егзотични дестинации, Саманта Деј одлучила дека и двајцата треба да одат на луксузно патување, без оглед на цената.

Оваа 46-годишна самохрана мајка ја изгубила работата за време на пандемијата. Но, и покрај тој факт, таа не се откажала од идејата со син ѝ да ги посетат Малдивите. Тоа задоволство ја чинело 7.200 евра.

– Свесна сум дека овој одмор ќе го плаќам со години и свесна сум дека на моето дете му овозможив одмор од соништата – вели таа, но има дополнителна причина зошто се задолжила до гуша.

– Двапати имав рак на дојка. Затоа сакам да го искористам секој момент бидејќи никогаш не знаеме што ќе ни се случи утре. Сакам да создавам убави спомени додека можам. Годинава си помислив: „Ако сега не одам на Малдиви со моето дете, којзнае дали некогаш ќе го направам тоа“ – вели Саманта.

Во меѓувреме успеала повторно да се вработи, но, како што вели, трошоците за живот драстично се зголемени, па затоа е свесна дека одморот на Малдивите ќе мора да го плаќа до периодот кога нејзиниот сега 11-годишен син ќе почне да живее самостојно.

– Спомените што ги носиме од одморите се бесценети, за тоа се живее – вели Саманта.

Нејзината одлука предизвика различни реакции. Додека едни ја поддржуваат, други ја прекоруваат сметајќи дека постапила незрело и несериозно.

– Јас сум самохрана мајка, цел живот ми е борба. Работам напорно, не пијам, не излегувам. Ако не можам да го однесам моето дете на убав одмор, тогаш која е поентата на животот? Не сакам да живеам само за да работам – искрена е Саманта.

Таа додава дека по две години живеење во пандемија, одењето на Малдиви било одлична можност да биде со своето дете на прекрасно место каде што и двајцата уживале.

– За неколку години ќе се заљуби и можеби никогаш повеќе нема да сака да патуваме некаде заедно – објаснува Саманта и додава:

– Кога ќе погледнам колку е среќен што одморот го поминавме на дестинацијата од соништата, не жалам што тоа патување ќе го плаќам во наредните години.

Извор



912

X