Главоболките се едни од најчестите непријатни искуства што се појавуваат во текот на бременоста. Може да се појавуваат во целата бременост, но најчести се во првиот и во третиот триместар.

Зошто се појавуваат главоболки во текот на бременоста?

Во првиот триместар

Вашето тело е преплавено со хормони и доаѓа до зголемување на количеството крв. Овие две интензивни промени предизвикуваат чести главоболки кои, пак, дополнително го зголемуваат стресот, или се појавуваат проблеми со видот.
Постојат и други причини поради кои се појавуваат главоболки, кои дејствуваат поединечно или здружено, а тоа се:
– недостиг на сон
– ниско ниво на шеќер во крвта
– дехидрација
– стрес
– престанок на консумирање кофеин.

Главоболките во третиот триместар

Главоболките во овој период најчесто се поврзани со лошото држење на телото, кое е преоптоварено со дополнителната тежина. Во третиот триместар од бременоста главоболки може да предизвика и прееклампсија – состојба кога бремената жена има висок крвен притисок.

Мигрени

Жените што обично имаат мигрени може да се случи и во текот на бременоста да имаат помал број напади или воопшто да ги немаат. Меѓутоа, може да се случи и да се зачестат нападите поради хормонските промени. Доколку имате мигрена, многу е важно да му кажете на својот лекар за да ви одреди соодветна терапија.

Како да ги ублажите главоболките во бременоста?

Најдобар начин е превенцијата, односно:
– Лесни вежби за зајакнување на грбот и добро држење.
– Што повеќе да се одмарате и опуштате.
– Јадете здрави и избалансирани оброци.
– Да се релаксирате.
– Користете ладни или топли облоги.

Земање лекови

Ако не можете да ги спречите главоболките на овие начини, постојат и други начини за да се ослободите од нив, а тоа се медикаментите. Ако сте принудени да ги користите, тие мора да бидат на природна база. Лековите како што се аспирин и ибупрофен не се препорачани да се користат, додека парацетамолот обично е дозволен од страна на лекарите. Главоболките може да ги ублажите и на следниве начини:

– Синусните главоболки може да ги ублажите со топли облоги кои се ставаат на очите и носот.
– Тензичните главоболки се ублажуваат со ладни облоги кои се ставаат на вратот.
– Одржување на нивото на шеќерот во крвта со консумирање чести, но помали оброци.
– Масажа на вратот и на рамената.
– Лежење во затемнета просторија и длабоко дишење.
– Топла бања.

Најчести предизвикувачи на мигренски главоболки што треба да ги избегнувате се:
– Чоколадо
– Алкохол
– Јогурт
– Старо сирење
– Кикиритки
– Леб од свеж квасец
– Преработки од месо
– Павлака

Кога треба да се обратите на лекар?

За жал, главоболките се вообичаен дел од бременоста, но ако ништо од наведеното не ви помогне и не чувствувате подобрување, би требало да се обратите кај лекар, особено во следниве случаи:

– Пред да земете какви било лекови освен парацетамол.
– Доколку не чувствувате никакво олеснување откако сте се обиделе со сè што е наведено.
– Доколку главоболките се зголемуваат и стануваат сè почести.
– Ако се различни од оние што вообичаено ги чувствувате.
– Ако освен главоболка ви се појавува и замаглен вид, ненадејно добивате килограми, имате болки во горниот и во долниот абдомен, отекување на лицето или на рацете.



912

X