Главоболките се чести во текот на бременоста и во повеќето случаи се сосема безопасни. Меѓутоа, главоболките што се појавуваат ненадејно во втората половина од бременоста може да бидат знак за прееклампсија, состојба која бара лекарска помош.

Прееклампсијата е компликација поврзана со бременоста која може да доведе до висок крвен притисок и, во тешки случаи, до оштетување на органите. Најчесто почнува по 20-тата недела од бременоста, а доколку не се лекува, може да доведе до сериозни, па дури и фатални последици.

Најефективното решение е породувањето, но тоа може да биде проблем доколку прееклампсијата се појави рано во бременоста бидејќи на бебето му треба време да созрее и да биде подготвено за живот надвор од матката.

Што предизвикува главоболка во бременоста?

Околу деветтата недела од бременоста може да очекувате поголеми главоболки бидејќи тогаш се зголемува волуменот на крвта и нивото на хормоните, но тоа може да се случи во секое време од бременоста. Многу трудници се жалат дека почувствувале главоболка каква што не доживеале дотогаш.

Можат да се појават само на едната страна од главата, кај синусите или на двете страни. Еве што може да биде причината:

Синусен притисок

Зголемениот волумен на крв во бременоста, исто така, може да го зголеми притисокот врз синусите, што доведува до синусна главоболка.

Прекинат сон

Ако не спиете доволно, ги зголемувате шансите да добиете главоболки.

Дехидратација

Гадењето може да ги спречи бремените жени да пијат доволно вода, а со тоа се зголемува ризикот од главоболки поврзани со дехидратација.

Глад

Бидејќи на вашето тело му требаат повеќе калории, може да почувствувате глад и низок шеќер во крвта, што може да предизвика главоболки.

Хормонални промени

Поради хормоналните промени во телото, може да почувствувате мигрена за време на бременоста.

Притисок во рамената и вратот

Зголемувањето на телесната тежина и промените во телото може да го зголемат притисокот врз рамената и вратот, а оваа напнатост може да предизвика главоболки.

Невнесување кофеин

Доколку сте љубител на кафе и други пијалаци што содржат кофеин, најдобро е да се откажете од нив или да ги намалите на минимум во текот на бременоста. Сепак, немојте да се изненадите ако како резултат на тоа почувствувате главоболки и замор.

Висок крвен притисок

Високиот крвен притисок поврзан со прееклампсија, исто така, може да предизвика главоболки, главно по 22. недела. Ако почувствувате ненадејна главоболка каква што никогаш претходно не сте доживеале, веднаш контактирајте го вашиот лекар.

Како можам да се ослободам од главоболки за време на бременоста?

Најпрво обидете се да ја дознаете причината за вашата главоболка, бидејќи така побрзо ќе најдете решение. Во секој случај, некои работи можат да помогнат при секоја главоболка, без разлика на причината:

Пијте вода

Секогаш кога ќе почувствувате главоболка, испијте голема чаша вода. Ова може да ви даде големо олеснување, особено за главоболки предизвикани од дехидратација.

Одморете се во темна и тивка просторија

Одморот може да ја намали напнатоста и да ја запре главоболката. Додека се одмарате, важно е да избегнувате да гледате во екран.

Топли и ладни облоги

Топлите и ладните облоги можат да ги релаксираат мускулите на главата и на вратот. Пробајте го она што најдобро ви одговара и обидете се да ја намалите главоболката предизвикана од мускулната тензија.

Масажа на главата и на вратот

Масажата може да помогне во ублажување на главоболката бидејќи ја подобрува циркулацијата на крвта и ви помага да се опуштите.

Кога треба да посетам лекар?

Во текот на третиот триместар ризикот од прееклампсија се зголемува. Ако почувствувате промени во видот или гледате дамки, веднаш повикајте го вашиот лекар бидејќи тоа може да биде знак за прееклампсија.

Покрај проверката на крвниот притисок, може да се направи и уринарен тест за да се покаже дали има нешто за што треба да се грижите. Ако немате прееклампсија, вашиот лекар може да направи дополнителни тестови или да ви даде третман кој е безбеден за вас и вашето бебе.

Извор



912

X