Игротека

Главна болка на денешните родители

„Денешните деца се неблагодарни! Имаат сѐ живо, играчки што ги сакаат, модерни мобилни телефони од прво одделение, а на ништо не се радуваат, ни благодарам не велат!“

Ова би било главната болка на денешните родители. Економијата пропаѓа, но затоа нашите пилиња имаат цели продавници со играчки дома. Ќе им купиме нова работа, ќе ја погледнат, ќе си поиграат и ќе им здодее во рекорден рок. А дали му кажале „благодарам“ на тој што им ја подарил? Веројатно да, иако на тоа му претходело она непријатно прашање од одговорната возрасна личност – „што се вели?“, по што детето се сетило да каже „благодарам“.

Сите сакаме нашите деца да имаат сѐ што ќе посакаат и често знаеме да намалиме од ставката за многу поважни работи само за тие да го добијат посакуваното. Добивајќи сѐ, околу нив креираме свет на илузии во кој сѐ им е достапно и на дофат на рака, како и дека секогаш некој друг ќе им го обезбеди она што го посакуваат.

Детството брзо поминува, знаеме дека брзо растат. Недостигот на време за нив го надополнуваме со „ситници“ и крупни работи, во вид на колачи, играчки и облека, а потоа се продолжува со џепарлак во висина на нечија плата, школувања кои траат двојно подолго отколку што трае факултетот, преку водење грижа за тоа дали нашето пиле од триесет и кусур појадувало, ручало и вечерало. Бидејќи не може да најде работа која ќе одговара на неговите афинитети. Бидејќи ни една плата не е доволна да ги задоволи потребите онака како што родителите ги задоволувале. Без трошење на сопствената енергија за стекнување самостојност.

Се сеќавам дека често ми велеа да уживам додека студирам и дека парите тешко се заработуваат. Вистина. Тогаш не го разбирав добро тоа. Сега знам што значи. Додека бев девојка, работев доста и едно време добро заработував. А потоа на ред дојде и создавањето семејство. Избираш – многу пари – немаш приватен живот, или малку пари кои не ти ги покриваат ни основните животни потреби, но добиваш време за семејството. Сега знам дека најубаво ми беше на факултет. Не ме мачеа грижите на возрасните, бев само нечие дете. Одредени луѓе како да се свесни со секоја клетка од нивното битие дека најубаво им е додека се само нечии деца и не се трудат да се симнат од грбот на родителите, на кои со текот на времето им здосадува да го прават она што цел живот го правеле за своето милениче. Се надеваат дека ќе ги чува во староста, ќе им даде чаша вода и ќе ги носи во тоалет кога не ќе можат самите да го прават тоа.

За среќа, уште сме оние луѓе на кои семејството им е светост, па грижата за старите не им ја препуштаат на разноразни установи, иако и нас ќе нè зафати оној тренд каде што грижата за родителите е само товар и обврска, грубо наметната. Таквите поединци не навикнале да се грижат за другите. Тие навикнале другите да се грижат за нив. Родителите ги направиле такви.

Моето синче од речиси 16 месеци има јасен јапонски јазик и неколку зборови на нашиот: мама, тато, дедо, баба, јаде, оди и „хафа“ (фала). Последниот збор го научи попатно. Ќе ми го донесе далечинскиот управувач од телевизорот за кој знае дека не смее да го допира, ќе ми го предаде со насмевка бидејќи знае дека мама ќе го бакне умното главче, по што задолжително му велам „фала“. Така е и со сите други работи што ми ги носи. Така и тој научи да го вели своето невешто „хава“ секогаш кога ќе добие нешто од некого.

Од играчки добил глодалка, а се служи и со старите играчки. Но, најмногу од сѐ сака шишиња, кеси, пластични садови и капаци со кои чука. Не му го купувам сето она за кое сметам дека може да му користи на неговиот моторен и мозочен развој бидејќи Бог го создал совршен. Се развива сосема убаво и без модерни помагала. Му дозволувам да истражува и да се забавува со играчки што нам, на возрасните, воопшто не ни се интересни. А за децата таквите секогаш се најзабавни.

Не. Тој нема да добие сѐ што ќе посака. Нема да му ја купам секоја работа во која ќе го впери прстот. Не затоа што сум себична, туку затоа што го сакам. Бидејќи не сакам да стане незаситен. Бидејќи мора да научи дека во животот нема секогаш да ме има мене да му создадам сѐ што ќе му падне на памет. Нема да му готвам кога ќе има триесет и кусур. Ќе го научам да готви. Нема да му давам пари секогаш кога ќе побара. Ќе го научам како да ги заработи.

За неуспехот на своето дете родителите го обвинуваат општеството кое го „повлекло“ да ги губи деновите, професорите кои немаат разбирање за неговата генијалност и кои задолжително се престроги и бараат неможно, а во ниту еден момент не го вперуваат прстот кон себе за таму да го видат главниот виновник за неуспехот на своето мило чедо.

Да, драги мамо и тато, вие сте го научиле дека во животот сѐ се добива лесно и дека за сите негови глупости постои оправдување. Бидејќи тоа е вашето чедо и најдобро дете на светот. Бидејќи сте го сакале најдоброто за него. Вие сте одговорни за вашето дете. А не општеството и професорите.

Кога ќе пораснат децата, пуштете ги да бидат возрасни, иако тие секогаш ќе бидат вашите мали бебиња. Ако не сте ги научиле на благодарност и одговорност додека навистина биле деца, животот сигурно ќе ги научи кога ќе дојде време. Дозволете барем другиот учител да ја оправи работата. Бидејќи лесно може да се случи вашето мило чедо да побара да му додадете чаша вода дури и кога вие ќе се потпирате на стап.

Автор: Татјана Куљача

 

 

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top