Студија од Универзитетот во Женева покажа дека кога мајките разговарале со своите предвремено родени бебиња при рутинските медицински процедури, поради гласот на мајката, знаците на болка кај бебето се намалиле и нивото на окситоцин се зголемило.

Кога бебињата се раѓаат пред 37. недела од бременоста, тие честопати веднаш се носат на одделот за интензивна нега за следење, медицинска поддршка и тестирање. Таквите недоносени бебиња мора да подлежат на серија медицински процедури, почнувајќи од тестови на крвта до сонди за хранење и интубација. И додека истражувачите знаат дека оваа разделба може да има големо влијание врз бебето, исто така, може да биде тешко за мајките кои не можат да уживаат во тоа скапоцено време на поврзување со своето бебе веднаш по раѓањето.

Но, смирувачките зборови на мајката додека детето закрепнува од медицинската процедура може да им помогнат и на мајката и на бебето да се чувствуваат поповрзани – и може да ја ублажат болката на детето.

Авторите на студијата ги разгледале профилите на болка и нивото на окситоцин кај 20 предвремено родени бебиња и оцениле како се промениле овие метрики за време на рутинските дневни процедури, како што е боцкање во петицата на бебето за земање крв. Потоа анализирале три верзии на интервенцијата: првиот пат ја вршеле постапката без присуство на мајката, вториот пат мајката разговарала со бебето, а третиот пат мајката му пеела на бебето. Мајката била замолена да зборува или да пее 5 минути пред боцкањето во петицата, за време на постапката и по завршување на постапката.

– Ова истражување го фокусиравме на гласот на мајката бидејќи во првите денови од животот татковците најчесто работат, а мајките се на породилно отсуство и можат да бидат блиску до детето – вели д-р Мануела Филипа, автор на студијата. Меѓутоа, други истражувачи ги испитуваа ефектите на гласот на таткото врз бебињата и открија дека нивниот глас, исто така, има смирувачки ефект.

Нивото на болка кај доенчињата се намали откако го слушнаа гласот на нивната мајка како им се обраќа – дури и повеќе отколку кога нивните мајки пееле. Истражувачите користеле мрежа за кодирање, позната како профил на болки за предвремено родени бебиња (ПИПП) за да ги проценат изразите на лицето на доенчињата, како и методи на биолошка болка, на пример, отчукувањата на срцето и нивото на кислород, од 0 до 21.

Кога мајката била отсутна, резултатите од ПИПП биле 4,5. Кога мајката му пеела на своето бебе, резултатите биле 3,8. Но, кога мајката разговарала со детето, резултатот паднал на 3.

– Оваа разлика со изговорениот глас може да се објасни со фактот дека мајката помалку ги приспособува своите вокални интонации на она што го гледа во своето бебе додека пее, бидејќи на некој начин е ограничена со мелодичната структура, што не е случај кога таа зборува – вели Дидие Гранджан, редовен професор по психологија на Факултетот за психологија и образовни науки при Швајцарскиот центар за ефективни науки на Универзитетот во Женева.

Истражувачите, исто така, забележале дека нивото на окситоцин, земено од примероци од плунка за бебиња, се зголемило кога нивните мајки им пришле. Окситоцинот може да се ослободи за време на контакт кожа со кожа или доење, но исто така и со вокализација.

Присуството на родителите во одделот за интензивна нега е добро и за бебињата и за родителите.

Важно е да се биде присутен

– Тука ја покажуваме важноста од зближувањето на родителите и децата, особено во чувствителниот контекст на интензивната нега – вели д-р Филипа. Ниту еден родител не сака беспомошно да го гледа своето бебе како го боли при медицинската процедура, но овие резултати од истражувањето не само што го покажуваат позитивното влијание на гласот на мајката, туку им даваат на мајките и на татковците наменска улога во помагањето на нивното дете да се чувствува безбедно, спокојно и заштитено.

Извор



912

X