Додека таканаречените хеликоптер-родители секогаш ги чуваат своите деца и ја спасуваат секоја ситуација, д-р Ричард Вадсворт се одлучил за сосема поинаков метод. Тој одбива да ги извлекува своите деца од тешките ситуации и верува дека на тој начин ги учи на одговорност.

Д-р Вадсворт се присетил како неговата ќерка ги заборавила патиките за вежбање, за часот по физичко, па брзајќи да го фати училишниот автобус, го прашала дали може да ѝ ги донесе на училиште. Дел од него сакал да каже „да“, но наместо тоа, одговорот бил „не“. Ја предупредил да се подготви навреме за на училиште, како и да ги сноси последици за своите постапки.

„Така ме воспитаа моите родители. Мојата одговорност беше да го поставам будилникот, да се облечам, да ја завршам домашната задача и да се качам во автобус. Ако не правев ништо од тие работи, моите родители не ме спасуваа“, изјавил тој.

Денес, д-р Вадсворт е татко на седум деца на возраст од една до 13 години и верува дека неговите родители преку одговорност за малите нешта го научиле како да се справи со поголемите предизвици во зрелоста.

„Кога пораснав, бев навикнат да чистам зад себе, да подготвувам храна, да перам алишта, да се грижам за автомобилот и да одам навреме на работа“, додал тој.

Овој татко е доктор и автор на книги за АДХД, ментално здравје, брак и родителство. Преку деловното искуство тој го увидел влијанието што неуспехот правилно да се подготват децата за светот на возрасните може да го има врз неговиот професионален живот.

Неговиот метод предизвикал поделени реакции во јавноста

„Имам многу пациенти кои патат од тешка анксиозност или кои не можат да се грижат за себе, затоа што нивните родители не ги подготвувале кога биле млади. Кога ќе пораснат, очекуваат мајката да чисти зад нив и да им подготвува храна, да ги тера да одат на работа и да им пере облека. Поради тоа или стануваат страшен материјал за брак или страдаат од вознемиреност, бидејќи не се навикнати на одговорност“, тврди тој.

Д-р Вадсворт, исто така, ја споделил приказната за заборавените патики на неговата ќерка на „Тик-ток“, каде што неговата лекција предизвикала многу контроверзии.

@doctorwadsworth #parentingtips #parenting #family #kids #naturalconsequences ♬ Suspicious, slow and simple song – Kohrogi

„Ги носев заборавените ручеци на децата, домашните задачи, инструментите. Имаме три успешни возрасни синови. Однесете ѝ ги патиките“, коментирало едно лице.

„Имам четворица средношколци. Ги научив дека стојам зад нив. Ако можам да им помогнам, ќе го сторам тоа. Сега тие ми веруваат и знаат како да си помогнат себеси“, тврди друг.

Сепак, Вадсворт вели дека пристапот се исплател со неговата ќерка. Откако се случило тоа, таа никогаш не ги заборавила патиките и секогаш прва е подготвена.

– Се согласувам дека не е секогаш лесно да се гледаат децата в очи и да се каже „не“. Клучот е да се одржи рамнотежа помеѓу љубовта и поддршката. Не е дека никогаш не ги спасувам моите деца, но се обидувам да ги научам на одговорност – заклучил тој.

Извор



912

X