Игротека

Ги прашав децата што мислат за нашето родителство. Листата со жалби беше корисна за нас

Кажете им да направат листа, за оценување на мама и тато. Тоа ќе ви помогне и вам да добиете некои „инсајдерски“ информации, корисни за родителството. Совршени родители нема, но тоа не значи дека не можеме да се потрудиме да бидеме подобри

Верувам дека не постои совршен родител. Тоа не е само клише-изјава која ја користам за да ги оправдам моите лоши родителски манири. Сакам да ја употребам за да ја нагласам реалноста на родителството – никој од нас не е совршен. Ние сме само толпа родители што даваат сè од себе. Мојата животно-родителска ситуација е ваква: имам три деца помлади од 13 години. Искрено да ви кажам, рударска е работата околу нив. Од моментот кога ќе ги отворат очите почнуваат трката и хаосот, а баш секогаш во моментите пред спиење тие се како расипани играчки кои не можеш да ги изгасиш.

Врескаат, пискаат, се вртат и изведуваат салта. Се расправаат меѓусебно, се караат со мене или со татко им. Драма.

Кога подобро ќе размислам, нашето домаќинство е како играчка со расипано копче. Сè е измешано и лудо. Смачено ми е од сама себе бидејќи губам нерви за ситници. Помислувам дека нешто не е во ред со мене. Можеби сум зрела за на бања. Децата не би требало да се расправаат непрестајно околу сè, зарем не?

Се запрашав дали можеби сум престара за оваа активност наречена родителство? Да не требаше порано да родам деца? Дали им претставувам авторитет? Им одзедов сè што им е драго, ги казнував и ништо не добив со тоа. Да не се разгалени? Можеби сум престрога кон себе… Размислував така, губев време поточно кажано, бидејќи никако не можев да сфатам што правев погрешно. Така една вечер, подготвував вечера, а зад мене се одвива цела една драмска претстава. Кој на кого му ја зел играчката, кој кого удрил, кому треба да му помогнам околу домашната задача и од кое дете треба да се ослободам?! Изгорев заедно со вечерата.

Толку изгорев, што солзите ми се трансформираа во смеа. Толку се смеев, што се стана лудо. Можеби и јас сум луда. Тогаш на ум ми падна идеја да ми направат листа со работи што не ги сакаат во нашето родителство. Беа изненадени, но престанаа да викаат еден на друг и го почнаа новиот проект – оценување на мама и тато. Она што го добив на крајот е листа со жалби. Ова се дел од нив:

1. Не се занимаваш со дисциплина на најмладото дете (тоа го напишало моето најмладо дете!).
2. Најмногу го сакаш средното дете.
3. Најмногу ги сакаш најстарото и најмладото дете. Тато најмногу го сака најмладото дете.
4. На најстарото дете му купувате сè.
5. Јас секогаш наследувам работи.
6. Ни викаш.
7. Велиш дека вечерата е готова 10 минути пред навистина да биде готова и тоа нервира.
8. Кога сакаме да одиме на кеј, измислуваш изговори бидејќи ти е досадно да нè водиш.

Види, види, си помислив, откако прочитав.

Совет за сите родители – следниот пат кога ќе креваат врева околу сè и сешто, кажете им да направат листа. Тоа ќе ви помогне и вам да добиете некои „инсајдерски“ информации.

Некои критики ме изненадија, а за некои знаев… Ние, како родители, се обидуваме да постапуваме најдобро што знаеме во одредена ситуација, со одредено дете. На крајот на краиштата, во главите на нашите преубави деца што и да направиме, никогаш нема да бидеме сјајни. Знаете што? Тоа е сосема во ред.

Автор: Лидија Змиса за mamamia.com.au

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top