Казна до 2.500 евра за родителите што нема да ги вакцинираат децата
Германската влада предложи план со кој сака да ја направи задолжителна вакцината против морбили за децата, но и за луѓето што работат во градинки и во училишта. Родителите може да се соочат со казна од 2.500 евра ако не си ги вакцинираат децата. За да докажат дека децата им се вакцинирани, родителите ќе мора да ги покажат вакциналните картони.
– Без разлика дали станува збор за градинка или училиште, ние сакаме да ги заштитиме сите деца од морбили – истакна министерот за здравство Јенс Шпан.
Јенс Шпан; Фото: Википедија
Сè повеќе земји од Европската Унија се одлучуваат да го направат задолжително вакцинирањето за да ги запрат епидемиите на болести како морбили.
Вестите за задолжителната вакцинација следуваат откако во Германија од минатата година има драстично зголемување на бројот на заразени со морбили. Според Европскиот центар за превенција на болести, стотици нови случаи биле пријавени и оваа година. Од 2016 до 2019 година во ЕУ се забележани 44.000 случаи на заразени со морбили.
Според Светската здравствена организација, процентот на деца што примиле доза од вакцината против морбили се намалил од 97 на 93 отсто. Тоа делумно се случува поради стравувањата дека вакцините може да имаат негативни ефекти врз здравјето, како што е предизвикување аутизам.