Често можеме да слушнеме дека јазикот открива потенцијални здравствени состојби, од кои некои можат да бидат опасни, па затоа е неопходно навреме да се препознаат. Една од промените што често се случуваат е таканаречениот географски јазик, а точната причина не е позната. Најчесто се јавува кај деца до четири години, а се јавува двојно почесто кај девојчињата отколку кај момчињата. Но, како да се препознае географскиот јазик и што воопшто значи тој?
Географскиот јазик е воспалителна, но безопасна состојба која влијае на површината на јазикот. Според клиниката „Мајо“, јазикот обично е покриен со ситни, розово-бели испупчени делови (папили). Кај децата со географски јазик, на дамките на површината на јазикот недостигаат папили и се појавуваат мазни, црвени островчиња, често со малку подигнати рабови. Изгледа како географска карта, од каде што и доаѓа ова име.

Во повеќето случаи децата немаат никакви симптоми, иако понекогаш може да се жалат на зголемена чувствителност кога јадат топла, кисела или зачинета храна. На ист начин, некои деца може да развијат рани во устата, болки во грлото и лош здив.
Со оглед на тоа што географскиот јазик кај децата воопшто не изгледа убаво, родителите често се грижат дека тоа е симптом кој укажува на посериозна болест. Сепак, тоа не е точно бидејќи географскиот јазик е сосема безопасна состојба која поминува по одредено време, без потреба од терапија.