Училишниот спорт би требало да биде достапен за сите. Многу деца не се запознаени со училишните спортски клубови, некои од нашите колеги не се доволно мотивирани или не се во можност да бидат активно вклучени во нив, а и родителите немаат доволно можности да се запознаат со нивното постоење. Она што недостига кога е во прашање училишниот спорт е подигнување на свеста за значајноста на спортската игра, а со тоа и помотивирани професори, родители и ученици, велат од Федерацијата на училиштен спорт

Федерација на училишен спорт е организација која е оформена уште во 1964 година. Создадена е од три главни региони, 12 зони, 36 општински здруженија, над 200 училишни спортски клубови и повеќе од 100.000 ученици кои активно учествуваат.

Главната мисија на ФУСМ е масовно учество на ученици и средношколци во спортските натпревари во училишта, општини, зони, на регионално и државно ниво.

-Создаваме широка основа за понатамошен развој на спортот во земјата. Исто така, една од целите е и подобрување на наставниот процес за физичко образование, кој има огромно влијае врз понатамошниот развој на секое дете, обезбедувајќи здрава иднина на новите генерации – велат од ФУСМ.

Подигнување на свесноста за дополнителна спортска настава

Нивните активности не се дел од програмата за физичко образование во училиштата, туку дополнителната спортска настава, и сакаат да ја подигнат свесноста за нејзината важност за целокупниот развој на децата. Нивните активности се најчесто во рамките на училишни натпревари, општински натпревари, зонски натпревари, регионални натпревари, државни натпревари, лиги во ракомет, кошарка, одбојка и фудбал, забавен училиштен спорт, натпревари за деца со попреченост, меѓународни проекти, меѓународни натпревари.

Тие досега имаат реализирано многу проекти и активности.

– Ние имаме традиција на „Мали олимписки игри“  за децата од основните училишта и „Гимназијада“ за учениците од средните училишта, која, за жал, оваа година не се одржаа поради пандемијата. Присутни сме и во неколку проекти на Европската Унија и Еразмус+, каде што се посветуваме и на социолошкиот и психолошкиот аспект на спортот, па со таа цел оформивме и Комитет за борба против девијантно однесување меѓу младите во спортот. Исто така, имаме и проект „Забавен училишен спорт“, чија цел е сите деца еднакво да учествуваат во спортот, без разлика на нивните спортски вештини, „Фудбал во училишта“ за најмалите и друго. Освен традиционалните натпревари и проекти, постојат и училишни спортски лиги во ракомет, футсал, одбојка и кошарка – истакнуваат од Федерацијата.

Минатата година, поттикнати од Светската федерација на училиштен спорт (ISF), ФУСМ се придружи и започна кампања за вежбање дома.

 – Професори и тренери од сите градови од државата се придружија и снимаат видеа со вежби кои може сите да ги правиме дома заедно со нашите деца. На наше огромно задоволство, во кампањата „Да бидеме активни – вежбај дома“ учествуваа и ученици и млади спортисти кои се мотивирани и се подготвуваат за државни првенства и покрај новонастанатата ситуација и неможност да се вратат во спортските сали како порано – споделуваат од ФУСМ.

Пандемијата потпомогна да се свртиме кон спортот

Во иднина се надеваат дека училишниот спорт ќе стане уште помасовен и дека како општество ќе ја развиеме свеста за тоа колку е важна физичката активност.

– Пандемијата можеби ни помогна во тоа, па така, за време на карантините во кои се наоѓавме, не слушнавме препорака да учиме многу, туку да вежбаме и да се грижиме за нашето здравје. Сепак, на крајот на денот, здравјето е најважно, а со потикнување дополнителна настава за спорт и спортски активности ќе им овозможиме на нашите деца да бидат многу поздрави и да превенираме секаков тип деформитети кои училишните столчиња ни ги носат. Физичката активност може да биде многу убава и забавна, како за децата така и за возрасните. Освен насоки и вежби кои може да се разликуваат во секој спорт, важно е да нагласиме дека физичка активност е и пешачењето, возењето велосипед, танцувањето, па и чистењето на домот и градинарството. Секој од нас може да ја пронајде најдобрата физичка активност што е во согласност со потребите на телото – истакнуваат од Федерацијата.

Користа од физичката активност е огромна. Помага во развој и одржување на моториката, ги зацврснува коските и зглобовите, го подобрува имунитетот, ја зголемува самодоверба, ја подобрува когнитивната функција кај децата, како на пример помнењето, и тие имаат подобри училишни резултати. Затоа ФУСМ се залага за поголема свесност за училишниот спорт.

За остварување на оваа цел, потребни ни се и родителите

Федерација на училиштен спорт работи преку дополнителната настава, а не за време на самиот час по физичко образование.

– Ние сме среќни што многу деца учествуваат во спортските лиги и натпреварите, а секако, се трудиме да се вклучат уште многу повеќе. Нашата цел не е да учествуваат само „најдобрите“, туку сите деца еднакво, без разлика на нивните спортски вештини. За остварување на оваа цел, потребни ни се и родителите. „Можеби сме виновни за многу грешки и пропусти, но наше најголемо злосторство е што сме ги занемариле децата, кои се основа на животот. Многу работи што ни се потребни можат да чекаат. Децата не можат да чекаат. Во овој момент ним им се формираат коските, крвта, им се развива мозокот. Ним не можеме да им одговориме утре. Нивното име е денес“ е изјава на хуманистката Габриела Мистрал. Учењето може да почека, но здравјето не, а родителите и професорите се најдобриот пример за децата да научат како да се грижат за себе – истакнуваат од ФУСМ.

Училишниот спорт би требало да биде достапен за сите. Многу деца не се запознаени со училишните спортски клубови, некои од нашите колеги не се доволно мотивирани или во можност да бидат активно вклучени во нив, а и родителите немаат доволно можност да се запознаат со нивното постоење.

– Затоа, од неодамна постои и нов закон со кој се дозволува дипломирани професори по физичко образование и култура да отвараат ваков тип клубови каде што бенефит ќе има и за децата и за колегите. Ова е процес кој тешко се пробива во нашата држава, но се трудиме да бидеме максимална поддршка. За жал, невозможно е да се контролира толку обемен систем, но со подигнување на свесноста кај сите, се надеваме на голем напредок во иднина – дополнуваат од Федерацијата.

Сакаме да ги развиваме и меките вештини

ФУСМ соработува со повеќето федерации на училиштен спорт, како и со Светската федерација на училиштен спорт, па заемно споделуваат идеи и активности.

– Секоја држава поседува различен систем, ние имавме можност да се запознаеме и со Федерацијата на училиштен спорт на Австралија и пријатно се изненадивме. Можеби не е вистинскиот збор изненадивме, туку зачудивме, бидејќи навистина свесноста е на повисоко ниво од нашето. Тоа единство што го видовме таму се надеваме дека ќе нè стигне нас побрзо од еден век… Можеби убав пример за училиштен спорт ни се и филмовите и сериите, особено оние американските, каде што јасно се гледа колку спортот како дополнителна настава е застапен, дека е дел од социјализацијата на учениците и колку зближува. Исто така, нешто што сакаме да го воведеме е развивањето на меките вештини, како и важноста на менталното здравје за младите спортисти и децата, сликата за себе, самодовербата, тимската игра, комуникациските вештини, справувањето со стресот, мотивацијата и сл. Освен тоа, планираме и многу други активности кои се надеваме дека ќе се реализираат во иднина – ни изјавуваат од ФУСМ.

Она што недостига кога е во прашање училишниот спорт, од ФУСМ велат дека е подигнување на свеста за значајноста на спортската игра, а со тоа и помотивирани професори, родители и ученици.

 – Сепак, ние сме дел од еден синџир и не е едноставно да се посочи само одреден недостаток, секоја приказна има неколку страни. Затоа, поттикнуваме да има што повеќе конструктивни критики, препораки, идеи, проекти и мотивирани професионалци кои се секогаш добредојдени во нашиот тим. Ние сме секогаш отворени за соработки и како организација ги цениме идеите на сите поединци. Ќе ни биде многу драго доколку некој со нас сподели искуства и идеи, за заедно да развиваме подобро општество – дополнуваат од ФУСМ.



912

X