Не е тајна дека ни се јавува чувство на непријатност кога ги слушаме нашите деца како плачат. Присутна е и анксиозноста кога вашето малечко плаче без некоја очигледна причина. Знаеме дека начинот на кој комуницира новороденчето е преку плачење, но сè уште на тоа гледаме како на нешто што треба да се „поправи“. Откако бебето ќе почне да оди, некогаш очекуваме од него да ги процесира емоциите како што ние го правиме тоа, а не преку вообичаениот начин – плачењето.

Студиите покажале дека нашите мозоци веднаш реагираат на дете што плаче, а тоа нè прави подготвени да помогнеме – и тоа брзо. Во тој момент се зголемуваат отчукувањата на нашето срце, па тоа нè доведува и до преземање  акција, иако некогаш не се работи за наше дете.

Не значи дека детето е тажно ако плаче

За многу мали деца, плачењето не е одраз на тага – некогаш е начин да се процесира некоја емоција. Може да плачат поради лутина, страв, фрустрација, возбуда, збунетост, анксиозност, па дури и среќа. Проблемот е само што немаат вербална способност и свесност да ни го објаснат тоа.

„Немој да плачеш“ е фраза што само ќе ви ја комплицира ситуацијата

Можеби мислите дека плачењето ќе престане, но со ваквите зборови детето веднаш ќе помисли дека не ги разбирате неговите чувства, па неговата порака ќе стане уште погласна. Ако му речете на детето да престане, вие му велите дека неговите емоции не се важни или дека се погрешни. Нашата цел како родители е да го поддржиме развојот на емоционалната саморегулација кај децата – па треба да покажеме емпатија и разбирање во тие моменти.

Немојте да му го насочите вниманието на нешто друго

Многумина од нас мислат дека дистракцијата е ултимативната алатка. Ако му го насочите вниманието на нешто друго, мислите дека ќе престане да плаче, на пример, со играчка или песна. Но, на тој начин ја пропуштате можноста да се поврзете со детето и да го научите како да се справува со емоциите. Ако се расправа поради играчка со друго дете, тогаш да го насочите неговото внимание на друга играчка е во ред, но ако плаче бидејќи сте му помогнале да ги облече чевлите наместо самото да го стори тоа, тогаш дистракцијата нема да ви помогне, само уште повеќе ќе ја искомплицира работата.

Што да кажете кога вашето дете плаче

Обидете се да бидете смирени за да не го вознемирувате дополнително детето, земете длабок здив и со низок тон на гласот, обидете се со овие алтернативи:

1. Ние сме од ист тим. Ќе ти помогнам

Дури ако дете вели дека не ја сака вашата помош, тоа сака да сте тука за да го поддржите кога му е потребно.

2. Гледам дека ова ти е тешко

Оваа едноставна фраза дава впечаток дека го слушате и го разбирате детето.

3. Разбирам дека си тажен/разочаран/исплашен/анксиозен/среќен и тоа е во ред

Признавањето и изговарањето на емоциите е она што нè прави луѓе.

4. Тоа беше навистина тажно/фрустрирачко/разочарувачко

Ако му дадете значење и го признаете настанот кој довел до плачење кај детето, тоа ќе ви помогне да го согледате и она што ја предизвикало одредената емоција кај него и што да сторите следно.

5. Ајде да направиме пауза

Отстранувањето на двајцата од ситуацијата ќе му помогне на детето да разбере дека некогаш треба да се оддалечи од она што го вознемирува за да се смири.

6. Те сакам. На безбедно си

Ова ја зајакнува поврзаноста со детето. Можеби му е потребна прегратка, гушкање или држење на раката за да се увери дека сте тука да му помогнете.

7. Дали сакаш помош/ да се обидеме повторно?

Многу пати кога детето плаче поради фрустрација, потребна му е една од овие 3 работи: помош да изврши некоја задача, пауза од емоционалната ситуација, или обид да се заврши задачата повторно, по можност со асистенција. Да го прашате наместо да му кажете е подобра опција за да му помогнете да се чувствува важно и значајно.

8. Слушам дека плачеш, но не знам што ти треба. Можеш да ми помогнеш да разберам?

Дури и ако детето не може да го вербализира чувството, ова му дава шанса да вежба.

9. Се сеќавам кога ти…

Иако изгледа како техника за дистракција, ако му помогнете на детето да се сети на време кога се чувствувало среќно и смирено, ќе му помогне да го подготви својот ум за рационално размислување. Тоа е тешка задача, бидејќи децата не се подготвени да слушаат и да бидат разумни кога се беспомошни, тажни, лути или изморени, но вреди да се обидете.

10. Ајде заедно да смислиме решение

Со ова ќе го помогнете процесот на обработка на нивните емоции и децата ќе учат како да гледаат објективно на ситуациите и да смислат можни решенија.

11. Тивок простор исполнет со љубов за вашето дете

Бидете столбот на емпатијата и силата за вашите деца.

Извор



912

X