Воспитување

Француски успешни методи за воспитување деца

Откако американската авторка Памела Друкерман посвети цела книга за позитивните страни на француското родителство, цел свет признава дека постои нешто особено ефективно во воспитните методи на Французите

Што прават различно Французите, па нивните деца немаат напади на бес, примерно јадат од мали, а мајките не глумат полицајци? Нивниот начин за воспитување е поопуштен (за мајките и татковците) и е насочен кон семејството, а не кон детето.
Еве на што се придржуваат француските родители:

Одлучно

Цврсто, но смирено и јасно „не“ е една од централните работи во француското родителство. Тие го користат кога е потребно, го изговараат љубезно. Нема викање, бес и други објаснувања. Се знае кој е главен.

Децата треба да бидат способни сами да се забавуваат

Под ова се мисли на важноста на способност на децата да играат сами, а родителите да не се потресуваат кога на децата им е досадно. Кога родителите имаат работа, децата треба да бидат мирни и да седат сами без никаков проблем.

Важно е возрасните да имаат време за себе

Французите веруваат дека тоа што некој станува родител не значи дека неговиот живот треба да заврши. Тие уживаат во семејството и во заеднички поминатото време, но издвојуваат и време само за себе, за партнерот и за дружба со пријателите.
Тие веруваат дека така ги учат децата да ги почитуваат сите членови на семејството и да не мислат дека цел свет се врти околу нив.

Децата мора да научат да бидат независни

Француските мајки не висат постојано над своите деца кога се во парк и не ги држат под стаклено ѕвоно до 18 години. Во Франција ќе видите дека самите одат во продавница, пешачат од училиштето до домот и по улиците шетаат со своите тротинети, дури и во огромен град како Париз. Уште од осум-девет години децата добиваат многу можности да ја развиваат својата самостојност. Многу повеќе отколку во многу други западни земји. Додека децата се мали, во парковите ќе видите мајки како седат на клупите и опуштено разговараат или читаат.
Тие не го следат секој чекор на детето и не го држат додека да се спушти по лизгалката или слично.

Трпението и мирот се задолжителни

Кај Французите е важно децата да научат дека не можат да ги добијат работите што ги сакаат одма и сега. Родителите ги учат децата дека треба да чекаат во ред, да се воздржуваат од прекинување на возрасните во разговорот и да го почитуваат распоредот на оброците. Со тоа, кога се јаде, има мир на масата, со што децата нормално јадат и во рестораните.

Семејните оброци се најважни

Сите знаеме дека француската кујна е една од најдобрите во светот. Французите обожаваат да јадат. Заедничките семејни оброци се камен-темелник на францускиот семеен живот, особено за викендите кога сите други обврски се организирани според прецизно распоредените оброци.

Децата јадат сè што јадат возрасните

Кога веќе станува збор за оброците, важно е да се напомене дека во Франција не постојат посебни оброци за децата. Малите јадат сè што јадат и возрасните.

Викендот е време наменето за семејството

Додека во повеќето земји викендите се исполнети со секакви обврски за децата, во Франција викендот и понатаму се смета за време наменето за семејството и период кога сите заедно седнуваат да јадат, одат на концерти, посетуваат музеи или одат на село да ги посетат бабите и дедовците.

Не ги оптоваруваат децата

Французите не ги оптоваруваат децата со воннаставни активности и не трошат време носејќи ги од една до друга локација.
Тие сакаат да имаат повеќе време за себе и сметаат дека не е во ред членовите на семејството да не можат да најдат време еден за друг.

Целта е да се најде добар баланс

Убавината на ваквото родителство е во тоа што родителите се секогаш присутни, а не се преоптоваруваат, семејството им е приоритет, но имаат време и за својот социјален живот.
Тоа е и целта на секој родител – совршен баланс.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top