Во лудиот свет на социјалните мрежи, родители кои објавуваат фотографии и видеа од своите деца секако не е ништо ново. Хаштаг-знаците како „#mumtok“ имаат повеќе од 10 милијарди прегледи на „Тик-ток“, а има безброј профили на „Инстаграм“ каде што родителите објавуваат за своите деца, споделувајќи совети и искуства за родителство. Но, францускиот парламент наскоро може да му стави крај на тоа. Родителите што сакаат да стекнат „следбеници“ и да заработат од објавување слики од своите деца на интернет би можеле да бидат спречени да го сторат тоа според новиот предлог-закон.

Предложениот закон, поднесен од пратеникот Бруно Студер, кој е дел од владејачката партија на францускиот претседател Емануел Макрон, сѐ уште е во фаза на изработка. Но, ако биде донесен, на виновните за „споделување“ може да им се одземе правото да споделуваат фотографии од своето дете на интернет. Во екстремни случаи, правата на имиџот на детето ќе ги решава социјален работник.

Бруно Студер го поднесел предлог-законот како одговор на загриженоста поради постојаното објавување фотографии и видеа на мали деца и трендовите во кои тие се понижувани и исмејувани заради лајкови. Ова вклучува видеа како оние каде што родителите им фрлаат парчиња сирење во лицето на своите бебиња и ги снимаат нивните реакции. Во својот предлог-закон, Студер истакнува дека половина од сите фотографии што се разменуваат на форумите за педофили се фотографии кои семејствата ги објавиле на социјалните мрежи. Државниот секретар Шарлот Каубел го поддржал нацрт-законот, кој се очекува да помине првото читање, велејќи: „Ова е за оние што ги користат децата за да заработат пари или да го подобрат својот имиџ“.

Водачот на кампањата против објавување фотографии на деца на интернет го опишал чинот како форма на злоупотреба на интернет. „Оваа практика претставува дигитално насилство“, смета Томас Ромер од Опсерваторијата за родителство и дигитално образование.

Доколку законот биде усвоен, тој ќе им овозможи на судиите на семејниот суд да им го одземат правото на родителите да објавуваат фотографии и видеа од нивните деца. Во предлог-законот се наведува дека детето треба да биде вклучено во секоја одлука за споделување на неговиот имиџ на интернет, според возраста и степенот на зрелост. Истражувањата покажуваат дека нешто повеќе од половина од француските родители ги објавиле своите деца на социјалните мрежи, а 90% од нив го правеле тоа пред нивното дете да наполни пет години.

Но, дали е неопходно да се потиснат родителските активности на интернет?

Клиничкиот психолог д-р Маријана Трент вели дека како родител на две деца, никогаш не објавува слики од нив на интернет бидејќи би сакала тоа да биде нивна одлука во иднина. Таа смета дека францускиот предлог е „прилично екстремен“, но вели дека зависи од содржината што се прикажува. „Верувам дека присуството на интернет е избор на поединец. Има случаи на луѓе кои станале познати многу мали и тоа им го обликувало животот на начини кои можеби не би ги избрале доколку имале целосен капацитет да ги донесат тие одлуки. Едно нешто што ни покажа пандемијата е дека постојат многу различни начини да се заработат пари, и тоа не е секогаш традиционалното вработување. Видеосодржините со деца се многу привлечни и се чини дека некои родители би изгубиле дел од приходот“, изјавила таа.

За родителите што сепак одлучуваат да споделуваат слики и видеа од своите деца на интернет, д-р Маријана советува секогаш да бидат целосно облечени бидејќи вашата намера при фотографирањето можеби не е иста со намерата на оние што ја гледаат. Таа, исто така, верува дека кога детето е во „силна комуникација“, како што е изливот на бес, без разлика дали на родителот му е забавно, постои „сива зона“, бидејќи вие всушност заработувате од вознемиреноста на детето.

Автор: Карина Шиждрак

Извор



912

X