Француската влада одлучи да отвори нова истрага за децата родени без рака во неколку француски департмани, изјави министерката за здравство Ањес Бузан, оценувајќи дека овие случаи не треба да останат нерасветлени.
– Со министерот за екологија Франсоа де Ружи одлучивме да ја обновиме истрагата во која ќе учествуваат доктори и експерти за околината – изјави министерката.
– Не можеме да се задоволиме со изјавата дека не се пронајдени причинителите, тоа е неподносливо – изјави Бузан.
Во департманот Ен биле родени седум деца без раце во периодот од 2009 до 2014 година, во Атлантска Лоара три деца во 2007 и 2008 година, во Бретан четири деца во периодот од 2011 до 2013 година.
Првата истрага не понудила објаснување
Случаите биле забележани и предизвикале загриженост во тие подрачја. Првата истрага била спроведена од санитарната агенција Јавно здравје на Франција. На почетокот од октомври агенцијата за случаите во Ен заклучи дека се во националните граници. Но, за малформациите во Атлантска Лоара и во Бретан не биле пронајдени објаснувања.
Министерката изјави дека во една година во Франција се раѓаат помеѓу 80 и 100 новороденчиња со малформација на екстремитетите. Причините можат да бидат генски или последица на изложеност на токсични супстанции (исхрана, животна средина или лекови како талидомид, седативи и аналгетици препишани на трудниците помеѓу 1957 и 1962 година, поради што биле родени илјадници деца без рака).