Оваа сабота Градскиот парк во Скопје се претвори во шарениот свет на Биби. Публиката уживаше во омилените детски песнички во текот на целиот ден, а главниот настан – дружбата со хероината Биби – почна во 19:30 часот на Школка. Пред настапот на Биби, публиката се забавуваше со интересните квиз-прашања на модераторите Марко Новески и Никола Настоски.



Публиката се загреа со вежбите од серијалот „Вежбаме со Биби и Боби“, а потоа следуваше она што сите го чекавме повеќе од една година – дружба со Биби во живо.



Главниот лик од „Светот на Биби“ ги отпеа „Биби јееј!“, „Сакам да си играм“, „Светот мој е шарен цел“ и другите песнички. Со неа во еден глас пееше публиката – децата, родителите, пријателите и сите оние што го сакаат „Светот на Биби“. Магичната вечер заврши со заедничко гледање на најновиот анимиран филм „Кој прашува, не промашува“ со тато Тино. Ова кратко анимирано видео го најави серијалот за љубопитни дечиња во кој ги одговараме сите прашања на Биби и Боби.



– Очекувавме дека ќе има заинтересираност за настанот, но она што се случи на Школка позитивно нè изненади. Очигледно во изминатите две години публиката на „Светот на Биби“ стана помногубројна. Првиот македонски цртан, креиран од врвни професионалци, е одлично прифатен од публиката. А нашата публика е најслатка и најважна, тоа се децата и за нив ќе продолжиме да создаваме. Веќе се подготвуваат нови сказни, нови едукативни серијали и нови песнички. Секако, нашата цел останува едукацијата. Таа почнува со анимираниот филм, а продолжува со нашите производи преку кои децата учат да читаат, пишуваат, раскажуваат, бојат и да играат – велат од „Светот на Биби“.



Во текот на целиот ден минувачите и публиката можеа да ги посетат штандовите на кои беа изложени производите на „Светот на Биби“. Сликовниците, друштвените игри, кукличките, книгите и боенките сетука за дружбата и едукацијата да продолжи и дома. А, секако, сите производи можат да се најдат во продажните места на „Светот на Биби“, како и на svetotnabibi.mk.







Фото: Ристе Стамаџиев



912

X