Форсирањето на еден спорт, според научниците, би требало да почне некаде околу 14-тата година

Потрагата по успехот во денешно време ги измести сите граници, па родителите ги тераат сопствените деца уште од мала возраст да се изложуваат на напорни тренинзи за од нив да создадат спортски ѕвезди. Така, се обидуваат рано да ги насочат кон еден спорт за максимално да ја зголемат нивната шанса за успех. Но, токму тоа форсирање на еден спорт, за кој родителите имаат желба нивните деца да го практикуваат, експертите сметаат дека не е најдобриот пат до успехот.

Во студијата која ја проучувала историјата на професионалните играчи на хокеј на мраз истражувачите од Универзитетот за медицина „Пен Стејт“ откриле дека професионалните спортисти се занимавале со повеќе спортови како деца, па дури во својата 14-тата година се определиле само за хокеј. Метју Силвис, професор по семејна медицина, ортопедија и рехабилитација, а воедно и лекар на хокејскиот тим „Херши Беарс“ од САД, изјавил дека резултатите помагаат за отстранување на уверувањето дека децата мора рано да специјализираат во спортот за да успеат.

– Многу деца почнуваат со специјализирање на хокеј на мраз од својата шеста година, но тогаш може да го загрозат своето ментално и физичко здравје – рекол доктор Силвис. Додал дека во многу спортови, меѓу родителите и тренерите постои уверување дека за детето да има најдобра шанса за спортска стипендија и успех, мора да одбере одреден спорт многу рано во животот и да се посвети само на него.

– Форсирањето на еден спорт е всушност спротивно од она што ние, експертите, мислиме дека е правилно, а тоа ни го потврдува и истражувањето – истакнал Силвис.

Исто така, не треба да се занемарат и физичките ризици од раната специјализација во спортот. Ако детето тренира еден спорт, тоа развива само една група на мускули и се доведува во опасност од голем број повреди.

Истражувачите ги прашувале хокеарите за тоа кога почнале да се занимаваат со спорт. Од одговорите се заклучило дека просечна возраст кога почнале да спортуваат е 4,5 години, а средна доба за специјализација за хокеј на мраз е возраст на 12,3 години. Само 12 отсто од хокеарите специјализирале пред својата 12. година. Просечната возраст за специјализирање на хокеј на мраз е околу 14 години, што е потврдена во сите хокејски лиги.

Силвис се надева дека ова истражување ќе испрати порака дека е во ред децата да се занимаваат со повеќе спортови кога се мали и тоа за нив треба да биде предност, затоа што ќе научат низа вештини и ќе се развијат физички, па потоа ќе можат да одберат на што конкретно ќе се насочат.



912

X