Американската академија за педијатрија (ААП) и Советот за училишно здравје издадоа ажурирана политика за физичкото казнување. Во соопштението се вели дека удирањето во училиштата треба „да се укине во сите држави со закон“.

Во соопштението се вели дека употребата на физичко казнување во училиштата не е „ефективна или етичка“ форма на управување со однесувањето, бидејќи предизвикува штета на учениците – особено учениците Афроамериканци, како и децата со попреченост. Физичкото казнување е дефинирано како „нанесување болка врз телото на една личност како казна“, според ААП.

Во моментов, употребата на физичко казнување во државните училишта е легална во 18 држави. Иако тепањето во училиштата се намали низ годините како средство за казнување, останува фактот дека сè уште има училишта што го користат.

– Целта е да се преиспита инциденцата на физичко казнување на училиште; негативното физичко, психолошко и развојно влијание на физичкото казнување врз учениците и потребата од континуирано застапување од страна на педијатрите, воспитувачите и родителите за укинување на физичкото казнување во сите училишта – се вели во соопштението на ААП.

Иако 96 отсто од државните училишта велат дека повеќе не тепаат ученици, речиси 70.000 ученици годишно се удрени „барем еднаш од училишниот персонал“, се вели во соопштението. Телесното казнување најмногу се користи на југ.

ААП препорачува родителите да не користат удирање, мавање шлаканици, закани, навреди, понижување или срам.

ААП вели дека девојчињата Афроамериканки во САД имаат трипати поголема веројатност да бидат удирани на училиште во споредба со белите девојчиња. Црните момчиња имаат двојно поголема веројатност да добијат физичка казна во споредба со белите момчиња.

Децата со попреченост се исто така погодени со повисоки стапки од учениците без попреченост во повеќе од половина од училиштата кои практикуваат физичко казнување помеѓу 2013 и 2014 година, според извештајот на Проектот за граѓански права од 2019 година.

– Ова не е прифатливо – сите деца треба да се чувствуваат безбедно за да можат да учат – рече водечкиот автор д-р Менди Алисон, вонреден професор по педијатрија на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Колорадо во Аурора, Колорадо.

– Истражувањето покажува дека физичкото казнување не го подобрува однесувањето на долг рок, не е ефективно средство за дисциплина и не поттикнува позитивна средина за учење и поддржувачка училишна клима – додава д-р Алисон.

Телесното казнување сè уште е легално во државните училишта во следните држави: Ајдахо, Вајоминг, Аризона, Колорадо, Канзас, Оклахома, Тексас, Мисури, Арканзас, Индијана, Кентаки, Мисисипи, Алабама, Џорџија, Јужна Каролина, Флорида, Луизијана и Тенеси.

Извор



912

X