Родителите што ја користеа мерката за продолжено породилно отсуство и кои од вчера мораа да се вратат на работа, денеска од Владата побараа уште еден до два месеца за да се приспособат и за да обезбедат згрижување на децата.

Нивните претставници денеска беа на средба со премиерот Зоран Заев и со министрите Јагода Шахпаска и Венко Филипче и добиле ветување дека нивното барање ќе биде разгледано и ќе им биде одговорено во најкус можен рок.

Министерот за здравство Филипче им рекол дека ќе има флексибилност за одредени специфични случаи.

– Со соодветна медицинска документација родителите на деца кои влегуваат во ризична група може да бидат изземени од обврската да се вратат на работа. Сепак, ќе нагласам дека најмалите деца имаат прилично висок имунитет и досега немаме случај на сериозно заболено дете од оваа популација – рекол Филипче на средбата со родителите.

Министерката за труд и социјална политика, Шахпаска, им порачала на родителите дека ситуацијата секојдневно се контролира и дека, според податоците од терен, во градинките има многу слободни места за сите оние родители што досега не ги запишале своите деца.

Родителите, кои поради пандемијата беа на продолжено породилно отсуство до 6 месеци, од вчера, со одлука на Владата, се враќаат на работните места. Поради владината одлука, родителите организираа два протеста на кои порачаа дека е невозможно да се вратат на работа бидејќи нема кој да се грижи за нивните деца, дека нема слободни места во градинките, но и поради стравот од заразата. Тие побараа продолжување на породилното до крајот на годината, што од Владата го оценија како непотребно бидејќи со отворањето на градинките продолженото породилно изгубило оправданост.



912

X