Здравје

Снимки од магнетна резонанција откриваат што му прави алкохолот на мозокот на бебето уште во утробата на мајката

Снимките од магнетна резонанцa (МРИ) покажаа дека консумацијата на алкохол во текот на бременоста директно влијае врз развојот на мозокот на фетусот. Експертите предупредуваат дека не постои безбедна количина на алкохол за време на бременоста.

На платформите е достапно едукативното видео „Фетален алкохолен синдром и мозокот“. Во него, со помош на снимки од магнетна резонанција и стручни објаснувања, се прикажува споредба меѓу нормалниот развој на мозокот и развојот кај децата што биле изложени на алкохол пред раѓањето.

Што откриваат снимките?

Снимките објаснуваат дека пренаталната изложеност на алкохол може да го наруши развојот на оние делови од мозокот што имаат клучна улога во:

  • учењето и меморијата
  • вниманието и концентрацијата
  • контролата на емоциите и импулсите
  • планирањето и носењето одлуки.

Последиците варираат од дете до дете. Кај некои се изразени тешкотии при учењето, додека кај други се појавуваат проблеми со однесувањето, импулсивноста или социјалните вештини. Сите овие состојби спаѓаат во таканаречениот спектар на фетални алкохолни нарушувања.

Зошто алкохолот е опасен за бебето?

Алкохолот исклучително лесно поминува низ плацентата и доаѓа до бебето. За разлика од возрасните, фетусот сè уште нема развиен систем за ефикасно разградување на алкохолот (на пример, метаболички ензими во црниот дроб), поради што тој директно влијае врз развојот на мозокот и другите органи во сите фази од бременоста.

Јасна препорака од лекарите

Американската академија за педијатрија (ААП) и Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) нагласуваат дека:

  • Не постои безбедна количина на алкохол во бременоста.
  • Не постои период од бременоста во кој консумацијата на алкохол е без ризик.
  • Забраната се однесува на сите видови пијалаци, пиво, вино и жестоки пијалаци.

Лекарите истакнуваат дека жените што консумирале алкохол пред да дознаат дека се бремени не треба да паничат. Најважно е веднаш да престанат со консумацијата и да се консултираат со својот гинеколог бидејќи прекинот во кој било момент од бременоста носи подобри шанси за правилен развој на бебето.

Извор

Поврзани написи

To top