Сите ги знаеме вообичаените симптоми на бременоста како утринската мачнина, заморот и желбата за храна и пијалаци. Сепак, многу жени се соочуваат и со други не толку чести симптоми во оваа состојба. Фармацевтот, д-р Џејми Вин открива кои се најчестите невообичаени симптоми поврзани со бременоста.

Метален вкус во устата

Бременоста може да предизвика чуден метален или горчлив вкус во вашата уста поради нивото на хормоните кои им прават трикови на вашите рецептори за вкус. За да го решите овој проблем, неопходно е да консумирате цитрусно овошје или да се освежите со слатки кои содржат ментол, како гума за џвакање или паста за заби.

Промени на косата

Хормоналните промени може да предизвикаат промени во текстурата и дебелината на косата. Некои жени доживуваат зголемен раст на косата, додека други може да доживеат губење. Д-р Вин препорачува жените да ги решат проблемите со текстурата и густината на косата за време на бременоста со избирање хранливи препарати за нега на коса и консултирање со здравствен работник.

Зголемена телесна температура

Ако во последно време чувствувате дека ви е пожешко од вообичаено, можеби тоа е така затоа што сте бремени. Зголемениот проток на крв и забрзаниот метаболизам се одговорни за оваа состојба. Кога температурата на телото се зголемува, треба да носите лесни ткаенини за да ви диши кожата.

Промени во вкусот и мирисот

Поради хормоните, некои мириси многу им пречат или многу им се допаѓаат на трудниците. Експертот советува трудниците на почетокот да бидат авантуристи со храната и да пробаат повеќе видови храна, за да знаат што точно не им одговара.

Крвавење од носот

Зголемениот проток на крв и хормоните може да ја направат мембраната во носот почувствителна. Вин советува да ја одржувате влажна внатрешноста на носот со спрејови за да спречите прекумерно крвавење.

Разнишани заби

Експертот истакнува дека и разнишаните заби се еден од симптомите на бременоста. Зголемениот проток на крв и хормоналните промени може да влијаат врз непцата. Добрата орална хигиена и редовните стоматолошки прегледи се важни за одржување на здравјето на забите во текот на бременоста.

Промени на кожата

Покрај стриите кои можат да се појават во подоцнежните месеци од бременоста, некои жени доживуваат и други промени на кожата, како што се пигментација и затемнување на кожата во одредени области. Користењето хидратантни кремови и кремови за сончање може да помогне во управувањето со овие промени на кожата.

Прекумерно производство на плунка

Хормоналните промени кај некои жени може да предизвикаат зголемување на производството на плунка за време на бременоста. За да се ублажи овој проблем, експертот советува да џвакате гума за џвакање и да пиете многу течности.

Зголемено либидо

Хормоналните промени може да влијаат врз сексуалната желба, а некои жени може да доживеат зголемување или намалување на либидото за време на бременоста. Обидете се да имате отворена и искрена комуникација со партнерот, истакнува д-р Вин.

Забрзано чукање на срцето

Некои жени имаат забрзано чукање на срцето за време на бременоста, што може да ги исплаши. Ова се случува затоа што телото се справува со поголем волумен на крв и зголемено ниво на хормони. Д-р Вин истакнува дека редовното вежбање може да помогне во одржување на пулсот под контрола и во подобрувањето на кардиоваскуларното здравје.

Извор



912

X