Игротека

Факт: Бебињата не спијат добро, и така треба да биде

Првата година од вашето бебе е оној период обележан со многу непроспани ноќи. Она што го прави уште потешко е целиот притисок да го натерате вашето бебе да спие на одреден начин или тоа што го гледате спиењето на вашето бебе како проблематично – што може да ве натера да мислите дека треба да го поправите на некој начин.

Проблемот со овој пристап? Бебето не е проблематично. Бебињата и треба да се будат често во текот на ноќта и се дизајнирани да бараат утеха и поддршка за да им помогнете повторно да заспијат.

Работата е што првата година на вашето бебе вклучува многу пресвртници и скокови во развој – како и првите вируси, вакцинации и растење на запчиња – така што не е реално да очекувате бебето да има совршен сон пред неговиот прв роденден.

Секако, некои родители велат дека нивното бебе спие цела ноќ од неговата седма недела и, секако, постојат бебиња што сакаат да спијат.

Но, ова не е норма за бебињата. Јас овие бебиња ги нарекувам „бебиња-еднорози“: речиси се митски и тешко е да се пронајдат.

Ослободете се од идејата за совршен сон на вашето бебе и наместо тоа, фокусирајте се на вашето прекрасно бебе кое е нормално и совршено – едноставно не е подготвено да спие цела ноќ.

Бебињата не се создадени за да спијат цела ноќ, и тоа го знаеме

Циркадискиот ритам се однесува на нашиот 24-часовен циклус на спиење и будно време – како да имаме внатрешен часовник што нè потсетува кога сме полни со енергија, а кога сме поспани. Ова ни помага да се подготвиме за спиење речиси во истиот период секој ден.

Повеќе сон

Можеби сте слушнале дека бебињата се родени со измешан ден и ноќ, но всушност бебињата се родени без никаков циркадиски ритам. Околу осмата недела од нивниот живот тие почнуваат да го развиваат овој ритам, иако ритамот не е целосно воспоставен сè додека бебето не наполни четири месеци.

До овој момент можете да очекувате вашето бебе да почнува да прави разлика помеѓу ноќта и денот и станува пореално да очекувате да спие подолго време.

Не е толку едноставно

Сепак, тука се вметнати внатрешните стимули што можат да предизвикаат хаос со сонот на бебето, како скокови во развој, настинки и вируси. Многу родители во овие моменти почнуваат да се прашуваат дали направиле нешто погрешно во првите месеци од животот на бебето што резултирало со постојано нарушен сон.

Но, треба да знаете дека не сте направиле ништо лошо. Не сте поттикнале лоши навики. Не сте го научиле бебето да се буди често. Верувајте, не постои ништо што сте можеле да го направите поинаку од самиот почеток.

Едноставно, ова е начинот на кој спијат бебињата.

Всушност, треба да знаете дека сите бебиња имаат ужасни навики во спиењето.

Време е да почнеме да се справуваме со овој факт наместо да трошиме енергија терајќи ги нашите бебиња да спијат на одреден начин.

Поинаку гледајте на сонот

Некои експерти велат дека треба да го промениме размислувањето околу сонот. Ако престанеме да гледаме на тоа дека бебето треба да спие цела ноќ и ако немаме вакви очекувања, ќе можеме повеќе да се опуштиме.

Но, само затоа што вашето бебе спие нормално (односно ужасно), тоа не значи дека не можете да ги промените и да ги подобрите работите. Трикот е да сфатиме какво е нормалното спиење на бебето и кои работи можат да се подобрат.

Можен е подобар сон ако знаете каде да почнете

Првиот чекор за подобрување на сонот е да ги преиспитате вашите очекувања околу сонот на вашето бебе. Дали спиењето на вашето бебе е во рамките на нормалата, во споредба со другите бебиња? Колку бебиња на оваа возраст спијат повеќе од пет часа? Колкав е процентот на оние што се будни во текот на ноќта? Ќе бидете изненадени колку всушност е нормален ритамот на спиење на вашето бебе.

Откако ќе направите проверка, можете да почнете да ги менувате областите во сонот што можете да ги промените.

Автор: Карина Лејн

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top