Не постои баба која во еден период од својот живот не ја изговорила фамозната реченица: „Внучето се сака најмногу на светот!“

Раѓањето на внучето за бабата е најубавиот, но и најтешкиот момент во животот. Новопечената баба има две задачи: да го зачува својот статус на мајка, но и да се „пронајде“ во улогата на баба. Понекогаш овие две ставки едноставно не се поклопуваат.

Еве пример: Бабата се жали дека ќерката не ѝ ги носи доволно внучињата. „Се откажав од сè заради вас, а ве нема да дојдете“.
Нејзината ќерка ова го толкува како критика и доаѓа до конфликт.

Втор пример: Бабата цврсто го контролира начинот на кој ќерката ги одгледува своите деца. Бабата знае најдобро, па затоа ѝ кажува што да прави, како да готви, да води сметка за бебето итн. Е, тука доаѓа до тоа ќерката да се чувствува како неспособна мајка.

Бабата смета дека нејзина обврска е да го чува внучето и дека тоа „толку мало и беспомошно“ никако не смее да оди во градинка. Додека нејзината ќерка без размислување ги предава документите за упис, бабата се чувствува изиграна, односно дека ѝ е нарушено нејзиното основно право – правото да биде баба.
Од вакви или слични ситуации често може да искрсне расправија која кулминира толку многу, што новороденчето често ги отуѓува семејствата наместо да ги зближи.

 

Поради ваквите ситуации, бабите често велат дека го сакаат внучето повеќе од роденото дете!

Како да се надминат ваквите ситуации?

Времето е такво што денес никој не сака критика. Кога станува збор за воспитувањето, родителите често грешат, но даваат сè од себе за да го воспитаат своето дете на најдобар можен начин. Следниот пат кога ќе сакате да му дадете совет за родителството на своето дете, вие едноставно премолчете. Оставете ја вашата ќерка сама да се снајде во улогата на мајка.

Добронамерен совет можете да дадете единствено ако вашата ќерка ве праша за совет или побара помош.
Сега кога таа станала мајка, ќе го прави она што го видела од вас.

Манипулација

Оние што досега не биле манипулатори, стануваат такви во моментот кога ќе се роди бебето.
Ќерката никогаш нема на својата мајка да ѝ рече: „Те молам дојди да ми го причуваш детето бидејќи едноставно морам да излезам од дома, инаку ќе полудам!“

Не! Таа едноставно ќе ја замоли мајка си да ѝ го причува детето бидејќи мора да го направи ова или она, или едноставно ќе го доведе детето со изговор дека бабата треба да помине некое време со внучето.

Од друга страна, бабата ќе наоѓа причини за да ги привлече ќерката и внучето кај себе дома, а сето тоа од желба да се покаже во новата улога на баба.
Во ваквите ситуации манипулацијата станува преќутен договор бидејќи на сите им е убаво.

Како да го поправите односот со ќерката?

Бидете свесни за она што вие како баба го сакате.
Бидете свесни за ситуацијата во која се наоѓате со сите проблеми што таа ги носи.
Прашајте ја ќерката што очекува од вас и што подразбира дека сега е вашата „улога“.
Кога сè ќе изнесете на виделина, полесно ќе ги надминете проблемите и ќе најдете свој начин да ги распределите времето и љубовта на внучето и ќерката.

Автор: В. Миленковиќ



912

X