Секое време си има свои херои и секое дете има свој тип на херои. Некогаш тоа беа Марвеловите фиктивни ликови од акционите серијали или Дизниевите принцези од старите и на сите познати цртани филмови. Денес сè повеќе млади често се свртуваат кон ликови што им се блиски и со кои можат да се идентификуваат, но и од кои можат многу да научат. Токму таков лик, поточно една од хероините на денешницата на поднебјето на Балканот, доаѓа од Македонија, а нејзиното име е Биби – пишува српскиот медиум „Жена“.

Медиумот направил убав пресек на тоа што е „Светот на Биби“ и какво влијание има врз детската публика.
– „Бибин свет“ е многу популарен и светски наградуван цртан филм со едукативен концепт, приспособен на детската возраст чија цел е да ги претстави вистинските вредности, да ги разбие стереотипите на тема живот, другарство, рамноправност на половите и сл. Главниот јунак Биби е весело и мудро девојче, секогаш подготвено да им помогне на другите во неволја. Во секоја епизода таа доживува различни искуства и секакви ситуации. На тој пат никогаш не е сама затоа што друштво ѝ прави најдобриот другар Боби. За разлика од главната хероина, Боби е непослушен и тврдоглав, често запаѓа во неволји. Во досегашните епизоди Биби и Боби запознале многу карактери што се појавуваат во нивните авантури – џинови, змејови, Дедо Мраз, лоша вештерка и ги учат и нив, а и публиката, како треба да се одржува хигиената во домот, зошто е важно да се води сметка за телото и здравјето, за правилната и здрава исхрана, но и како да се биде скромен и благодарен, а и да им се помага на пријателите во неволја – стои во текстот.

„Светот на Биби“ е повеќепати наградуван проект од многубројни светски и европски стручњаци за краткометражни анимирани филмови, а е избран и во најдобрите 20 европски проекти за деца за 2019 година. Продуцентите на проектот, заедно со тим експерти во своите сфери на дејствување, направија проект кој и најзначајните продуцентски куќи на светот сакаат да го имаат во своите програми и портфолија.



912

X