Игротека

Еве зошто децата повеќе се радуваат на украсната хартија

Ако имате мали деца, немојте да се изненадите ако подолго и поубаво си играат со хартијата отколку со подарокот

Ако имате деца, веројатно ќе вложите многу труд и време во одбирањето на новогодишниот подарок. А потоа, кога конечно ќе најдете совршено изненадување за нив, ќе дадете сè од себе да биде најубаво спакуван подарок на светот. Украсна хартија, ленти, панделки, светки… и кога конечно ќе завршите, задоволно ќе го погледнете и ќе бидете горди, со причина. Толку љубов и труд сте вложиле…

Е сега, ако детето е мало, кога ќе дојде моментот да го отворите подарокот, веројатно ќе сфатите дека повеќе се интересира за хартијата или за кутијата, а внимателно одбраната играчка лежи настрана.
Еве зошто украсната хартија ги привлекува децата:

– Помалите деца се многу заинтересирани за распакување зашто родителите ги охрабруваат да го прават тоа кога им даваат подароци. Потоа следува интересното шушкање додека се кине хартијата, а тоа ја подобрува фината моторика, како и координацијата меѓу очите и рацете – објаснува психологот д-р Шон Годал, пренесува „Мирор“.

Децата обично продолжуваат да си играат со хартијата или кутијата зашто тоа е предизвик кој ја поттикнува нивната креативност, што е многу важно на рана возраст. Затоа, не разочарувајте се ако вашето дете повеќе ѝ се радува на украсната хартија отколку на подарокот што сте го купиле.

Децата брзо растат и пред да се свртите, уште на почетокот на декември ќе ве чекаат цели списоци со новогодишни желби. Во меѓувреме, уживајте во нивата насмевка додека шушка хартијата.

Поврзани написи

To top