Целта е што побрзо да се преобратите во коњ, заради опстанок

Во бајките, по разни перипетии, зли сестри, вештерки и магии, принцот и принцезата се венчаваат и живеат долго и среќно.
Така завршува бајката, а почнува документарната програма. Ќе ја наречеме „опстанок“.

Благодарение на опстанокот, по влегувањето во брак луѓето се менуваат. Не поради бракот, туку заради опстанок. Од разните промени и трансформации, една од најважните е трансформацијата на принцот во коњ и на принцезата во кобила. Оваа промена се случува постепено и полека и ќе ти стане јасна можеби по неколку години.
По неколку години сфаќаш дека постојано нешто тегнеш и влечеш, или деца или торби, или кеси. Едноставно, со доаѓањето на младите, принцот и принцезата стануваат коњ што влечи. Повторно, не заради децата, туку заради опстанок.
Едниот ги влече кесите, другиот децата, па некогаш ќе ги побркаш и кесите и децата. Па малку пцуеш и вревиш зашто тој не гледа каде што гледаш ти, а ти не гледаш каде што гледа тој. Па детето ќе се расплаче.

Потоа го смируваш детето, па ти е криво што викаш за глупости. Ќе го смириш детето, па ако баш ти е денот, и повеќе никој не вика и не пцуе, ќе ти пукне кесата, по можност во багажот зашто баш ти е денот. Ако не е, тогаш и некои од намирниците ќе ти се истурат. Потоа детето прашува „Што се случи?“, а ти се обидуваш да не пцуеш. И некако ќе ги собереш и децата, и кесите, и себеси, па ќе повлечеш онака вистински, коњски.
Што побрзо се преобратите во коњи, ќе ви биде полесно и ја зголемувате шансата за опстанок.

Кога ќе станеш коњ, подобро влечеш и добиваш коњски нерви.
И да, молам ова да се воведе во регистарот на бајките, ако постои таков.

Автор: CaraDara



912

X