Бил Марфи Џуниор, основач на веб-страницата „Understandably.com“ и автор на книгата „Како да воспитаме успешни деца“, со години проучува научни истражувања кои се занимаваат со проблематиката за воспитување успешни деца. Еве седум сознанија до кои дошол:
Никогаш не откажувајте се од вашето дете – Не постои ништо лошо во поставувањето големи очекувања за детето, но мора да бидете доследни во ова, дури и кога детето ќе ги превртува очите кога му зборувате. Овој совет се базира на истражување спроведено во Велика Британија на примерок од 15.000 млади жени кои биле следени во текот на 10 години. Се покажало дека оние жени чии родители имале големи очекувања, кога пораснале:
– Поретко биле невработени подолг период;
– Ретко имале слабо платена работа или работа што ја мразеле;
– Помала била веројатноста да забременат во текот на школувањето;
– Почесто завршувале факултет.
Фалете го вашето дете, но внимавајте како – Родителите често ги фалат своите деца за различни таленти што можат да ги поседуваат, што е природно и нормално. Им велат: Паметен си, надарен си, мил си и љубезен кон луѓето.
Но, Бил Марфи Јуниор советува дека треба да се избегнуваат ваквите пофалби.
Истражувањето на Керол Двек, професор по психологија на Универзитетот „Стенфорд“, покажа дека е поефикасно да се фалат децата за напорите што ги вложуваат во нешто отколку за нивните вродени способности.
Бил Марфи вели дека на детето не треба да му се вели: „Одлично црташ“, туку да му кажете дека сте импресионирани од напорот што го вложило за цртање на цртежот.

Фалете го детето што почесто – Истражување од Универзитетот „Бригам Јанг“ ги проучувало пофалбите и критиките што им се давале на основците. Научниците седеле во училиница и во период од три години гледале како наставниците комуницирале со 2.536 првачиња. Научниците откриле дека подобри резултати постигнале оние ученици што добиле повеќе пофалби од наставниците.
– Колку повеќе ги фалите децата, толку се подобри резултатите – вели главниот автор на истражувањето, Пол Калдарела.
Охрабрете го детето да помага низ дома – Истражување спроведено од „Харвард Грант“, кое било најдолготрајното истражување во историјата, открива дека две работи се клучни за среќата и успехот: љубовта и работната етика. За работната етика, важно е да се развие таков ментален склоп кај децата.
– Клучен, структуриран начин да се развие такво размислување е детето да ги извршува обврските низ домот – вели Џули Литкот-Хајмс во нејзиниот тед-говор од 2016 година.
Вашето дете, особено ако е мало, сигурно нема да го измети подот онака како што би го направиле тоа вие. Но, инсистирајте тоа да го направи детето.
– Не станува збор само за чист под, туку за учење на децата да живеат среќен живот – вели Бил Марфи.
Бидете му поддршка на детето – Многу родители не знаат како да постапат кога ќе се повреди нивното дете. Додека некои мислат дека во такви ситуации треба веднаш да истрчаат и да му понудат утеха, други веруваат дека детето треба да се држи на дистанца бидејќи тоа ќе му помогне да стане независно. Кој е во право?
Бил Марфи вели дека во овие ситуации децата треба да бидат поддржани и утешени. Тоа не значи дека треба да ги решите сите проблеми на вашето дете. Главната работа е да искажете емпатија и да му покажете дека се грижите за него. Научниците откриле дека луѓето чии родители постојано им давале поддршка, развиле поголема социјална интелигенција.

Обрнете внимание на социјалните вештини на вашето дете – Во истражување, воспитувачи на градинка во Монтреал го следеле однесувањето на група деца. Тие гледале дали децата пројавуваат невнимание, хиперактивност, агресивно однесување, агресија и просоцијално однесување (споделување, помагање, соработка).
Научниците откриле дека луѓето што во градинка усвоиле просоцијално однесување, 30 години подоцна заработувале 12.000 долари повеќе од оние што биле слабо рангирани на скалата за просоцијални вештини.
Важна е околината во која расте детето – Истражување објавено во магазинот „Америка соушолоџикал ривју“ следело како многу богати семејства, кои можеле да им обезбедат на децата сè што може да се купи со пари, го трошеле своето богатство.
Првото нешто што повеќето го направиле е тоа што се преселиле во населби во кои живеат други богати луѓе.
– Не е тоа единствен фактор, секако, но важно е да се препознае како околината во која расте детето влијае врз неговото воспитување и неговиот успех – вели Бил Марфи.