Комичен и ироничен текст, кој се однесува за организација на наставата во Србија, за тоа како би можел да изгледа состанокот на просветните работници кога ќе почне новата учебна година, во едно просечно училиште:

Почитувани колеги,

Денеска ќе поминеме низ главните прашања поврзани за оваа „корона“ учебна година. Јасно е дека сте загрижени, дека имате дилеми, дека се плашите како сето тоа ќе изгледа, но тоа само така изгледа бидејќи е ново, бидејќи сме на самиот почеток, ќе видите дека сè ќе си дојде на свое место многу брзо. Како директор, се гордеам со вас и целиот наш ансамбл и во такво опкружување ништо не е проблем!

Секој од вас доби испечатен материјал со детални упатства, па ве молам тоа дома да го проучите, а овде ќе ги обработиме само горливите прашања. Што се однесува до поделбата на одделенијата, тоа е решено на следниот начин: од по 4 одделенија што сме ги имале во редовни околности, сега имаме по 17 деца во секое одделение. Сè е многу едноставно, но еве ќе земам за пример, да речеме, одделение 14. Тука ќе бидат деца од поранешното одделение 2, непарните броеви во дневникот, помножено со децата што не носат маски во среда, поделено со поранешното одделение 3, децата што носат гумени ракавици во вторник. Одделението 16, на пример, е поранешно одделение 1, помножено со бившото одделение два парни, поделено со децата што носат испеглани платнени маски, минус децата што носат зелени хируршки, и така натаму, сè е овде напишано во детали, да не ве заморувам, погледнете самите.

Најмногу прашања се поврзани со каскадниот систем на ѕвонење. Луѓето се, морам да признаам, со право загрижени како децата ќе знаат на кое ѕвоно да излегуваат од училница, на кое да се враќаат и се плашат дека може да дојде до забуна и метеж во ходниците, а тоа секако не го сакаме. Ако може да се држи дистанца во град, во рестораните, кафулињата… како да не се држи на училиште?! Затоа нашиот „ковид-тим“ го реши овој проблем на многу едноставен начин. На стр. 7 имате детален список со песни што ќе се пуштаат на разглас за секое одделение и децата, а и наставниците, многу брзо ќе научат која е нивната песна.

Еве, повторно да дадам пример, за првачињата, тоа ќе бидат соодветните песнички на Драган Лаковиќ и хорот „Колибри“, да речеме, прво 6 излези на „Се заколна бумбарот“, а влези на „Возот на Иво“. Се разбира, музиката е приспособена на возраста, па во повисоките одделенија ќе се пуштаат некои од популарните хитови на естрадата и децата многу брзо ќе сфатат и ќе запомнат која е „нивна“ песна. Така нема да има страв дека децата ќе се збунат, дека ќе излезат на туѓо ѕвоно итн. Важно е да нагласам дека е најстрого забрането децата да ги пеат своите песни, како и кои билодруги.

Во случај некое дете да се разболи, на разглас ќе биде пуштена песната „Се разболе лисицата“ за сите да бидат свесни за опасностите, а детето мора да биде соодветно обележано на кој било начин, важно е само да биде упадливо. Тоа може да биде лента околу раката, ногата или главата или нешто слично, ослободете ја фантазијата – и наставниците во скафандери ќе го одведат во котларницата, на таван или во подрум, зависно од тоа која просторија е слободна, каде што ќе ги почекаат родителите, кои потоа ќе го одведат во болница. Кога детето конечно ќе го напушти училиштето со родителите, на разглас ќе се слушне аплауз, како доказ дека сме го победиле непријателот и дека повторно можеме да се опуштиме. Во случај на поголем број болни деца, можно е да се организира и огномет при нивното конечно напуштање на училиштето.

Што се однесува до вашето работно време, не е подолго, туку значително пократко од порано. Гледајте го тоа во секунди. Секој час има 1.800 секунди, плус 2.200 секунди кои се однесуваат на онлајн-настава, минус 4.000 секунди кои се однесуваат на родителски состаноци и секции кои нема да ги има, потоа пополнување на дневник и матични книги што сега се прави електронски и – многу едноставно – ќе дојдете и самите до заклучок дека всушност ништо нема да работите, а платата ќе ја добивате редовно. Тоа, се надевам, е јасно. Мислам дека за ова не треба премногу да се зборува, бидејќи некој од министерството би можел да се запраша зошто ги плаќаме луѓето кои не работат ништо и да почнат да отпуштаат, така што ова зачувајте го за себе!

Ако случајно дојде до зголемување на бројот на заразени, што не го очекуваме во ваква добра организација, еднакво детално ќе ја разработиме и онлајн-наставата. Нема потреба да се грижите, другите мислат за вас. Тоа сме „ковид-тимот“ и јас. И ете, можам да ви ветам, ако нешто тргне на лошо, ќе дадам оставка!

Автор: Маја Бугарчиќ

Извор



912

X