Игротека

Есенски активности со вашите деца што не смеете да ги пропуштите

Есента е време кога детските игралишта се празни. Децата се во училиште и во градинките, а другиот дел од денот го поминуваат во затворен простор. Кога температурата ќе се спушти под 25 степени, многу родители веруваат дека децата не треба да си играат надвор. Ова, се разбира, не е точно. Есента е еднакво убава, па дури и поинспиративна од летото. Треба да поминувате време надвор исто како и во лето, ни секунда помалку.

Сепак, секојдневната прошетка од еден-два часа треба да биде навика за децата и за родителите. Еве како да го искористите тоа време.

1. Појдете на пазар и купете есенски плодови

Кога некој би ме донел од друга планета и би ме замолил да погодам кое годишно време е, освен во паркот, јас би отишла и на пазарот. А таму – пиперки, тикви, јаболка се продаваат насекаде. Одењето на пазар е одличен начин да го поминете утрото со вашето дете. Заедно одберете есенски плодови и договорете се што најпрво ќе готвите тој ден.

2. Собирајте костени

Првата асоцијација за есен е костенот. Земете кошница и однесете го вашето дете во најблискиот парк или шума и заедно собирајте костени. Тоа ќе ужива секојпат кога ќе пронајде нов. Искористете ја можноста да разговарате со детето за есента, за есенските плодови.

3. Истражувајте ја шумата/паркот

Природата се менува во секое годишно време. Зошто лисјата сега се на земја, а не на дрвјата, што ќе се случи со дрвото, каде исчезнаа птиците, дали верверичките се вредни… На сите овие прашања децата бараат одговор, дури и ако не ги постават прашањата. Однесете го детето во паркот и поттикнете го да прашува, да истражува, да дознава. Тоа ќе биде одмор и за детето и за вас.

4. Подгответе задача и тргнете!

Земете парче хартија и нацртајте сè што сакате да пронајдете надвор (бубачка, костен, верверичка, куче, птица, нешто црвено, нешто жолто…). Под секој цртеж ставете и мало квадратче за штиклирање, а потоа пополнувајте по ред сè што ќе пронајдете.

5. Изберете боја

Варијација на темата од претходната активност е да одлучите која боја ќе ја барате тој ден пред да излезете од домот. Ако е жолта, тогаш барајте и фотографирајте сè што ќе пронајдете со жолта боја. Подоцна кога ќе ги прегледувате фотографиите, ќе ви биде забавно да гледате серија фотографии со мотиви од една боја. Можете заедно со детето да направите колаж.

6. Традиционалната игра скокање по лисја

Веројатно ова го правите секоја година, но не е лошо да се потсетите. Соберете купови лисја и заедно со вашето дете направите место за скокање. Нема дете што не сака да ја игра оваа игра.

7. Уметност од лисја

Освен собирањето костени, не е лошо и едно попладне да поминете во внимателно избирање лисја за вашата есенска уметност. Добрата работа е што есенската уметност е толку едноставна, што во нејзиното создавање можат да се вклучат и двегодишни деца, а истовремено е многу убава и инспиративна. Направете есенска уметност со минимален напор, а резултатите може да бидат феноменални.

8. Трчајте!

Трчањето, скокањето, играњето криенка добиваат нова димензија наесен. Обиди се да се сокриеш и да не те најдат кога лисјата шушкаат под нозете. Треба да ги искористите убавите денови за трчање во природа, ова ќе им користи и на родителите и на децата!

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top