Морбилите многу лесно се шират, а епидемии има и во многу околни земји

Епидемијата на мали сипаници-морбили во Дебар и Дебарско, прогласена на 17 јули, сè уште трае. До 3 август во Институтот за јавно здравје-ИЈЗ имало пријави за 25 случаи на заразени. Најмногу се разболуваат возрасни, постари од 30 години, а болно е и едно седуммесечно бебе. Епидемиолозите велат дека иако овие сипаници брзо и лесно се шират, среќна околност е што во Дебар има висок процент на вакцинирани деца, па, слободно кажано, морбилите се шират со средна брзина.
Добра вест е и што во последната недела нема пријава за нов случај на заразен. Сепак, велат лекарите, сè уште има опасност за ширење на морбилите, и тоа не само од Дебар. Во голем дел од окoлните држави има епидемии на малите сипаници, а сега е период кога граѓаните повеќе патуваат.

Пред нецела година епидемија на морбили имаше во дел од Скопје.

Возраста на заболените е од 7 месеци до 45 години

Меѓу постарите што се заразуваат има невакцинирани или нецелосно заштитени, а има и вакцинирани со две дози.
– За да може да кажеме дека запрело одредено ширење, треба да нема нов случај во тек на два инкубациски периоди, или 28 дена. Во Дебар има многу вакцинирани деца. Морбилите многу лесно се шират и затоа повторно апелираме да се вакцинираат децата со МРП-вакцина (за морбили, рубеола, паротитис) – велат од Институтот.
Возраста на заболените во оваа епидемија се движи од 7 месеци до 45 години, а најчесто заболуваат повозрасните лица, односно 76% се на возраст над 30 години. Три се на возраст од 20 до 29 години, 2 лица се од 15 до 19 години и има едно под една година.
Од ИЈЗ велат дека од вкупниот број случаи, 44% се припадници на ромската популација, 40% се од албанска, 8% од турска, еден заболен (4%) од македонска националност и за едно лице нема податок.
Од заболените во епидемијата за 16 лица има лабораториска потврда дека се соочиле со морбили, а кај 9 случаи е утврдена епидемиолошка врска. Од лабораториски потврдените случаи, 68,8% се невакцинирани или се некомплетно вакцинирани, а 31,2% се вакцинирани со две дози на вакцина против мали сипаници.

За да има колективен имунитет, треба да се вакцинираат 95 отсто од децата

За да има колективен имунитет, кога вирусот нема лесно да се шири, епидемиолозите велат дека треба да се вакцинирани 95 отсто од оние што треба да примат вакцина. Минатата година првата доза од МРП што им се дава на деца со полна година ја примиле 82,6 отсто од нив. Ревакцина на шест години примиле 97 проценти. Во Скопје лани МРП примиле 78,5 отсто од децата. Сите незаштитени деца, како и недоволно заштитени, може да се разболат. Се случува да се разболат и вакцинирани, но тогаш морбилите лесно поминуваат.
Морбилите често лесно поминуваат, но знаат да предизвикаат и сериозни здравствени компликации, особено кај организми со слаб имунитет. Епидемии има во Грција, Србија, Косово, Албанија, Бугарија, Хрватска, Италија, Франција, Шпанија, Португалија… Неретки се и смртни случаи поради заразата.
Кога ќе нападнат сипаниците, првите знаци на инфекција обично се висока температура и симптоми на настинка, како течење на носот. По неколку дена се појавува исип, обично прво на лицето и на вратот, а потоа по телото. Морбилите се шират преку директен контакт и преку воздух, преку кашлица и кивање. Кај 20 отсто од случаите настанува воспаление на белите дробови, или морбилиозна пневмонија. Ако таа не се лекува навреме, може да се искомплицира и поради друга бактериска инфекција. Морбилите може да предизвикаат морбилиозен енцефалитис, или воспаление на мозокот.



912

X