Игротека

Емотивно писмо од мајка на четири деца: Од вашата несовршена мајка

Мајчинството е најубавата, но и најтешката задача. Притисоците од средината, работните обврски, образованието, воспитувањето деца и балансирањето меѓу сите предизвици на мајчинството честопати се неостварливи идеали. Џесика Мекаслин е мајка на четири деца, а во своето емотивно писмо отворено пишува за стравот, радоста, лутината, гордоста, но и најголемата љубов што ја носи мајчинството.

Драги деца,

Прво сакам да ви го кажам ова: Ве сакам повеќе од што било на светот. Запомнете ја реченицата затоа што знам дека има моменти кога не се чувствувате како да ве сакам. Знам дека поминувам многу време викајќи ви – всушност премногу време. Би сакала да не го правам тоа и се обидувам да го променам тоа. Секој ден се борам со себеси, обидувајќи се да ја контролирам лутината кога мислам дека не сте направиле нешто онака како што јас сум замислила, бидејќи тогаш заборавам дека вие не сте возрасни луѓе и не постапувате и не мислите како нив.

И секој ден ја губам таа битка и повторно станувам затоа што сакам да ја имате најдобрата мајка што можам да бидам. Мразам кога ви се лутам, особено затоа што знам дека не се однесувам така кон другите луѓе, и срцето ми се крши кога знам дека кон непознати луѓе имам повеќе трпение отколку кон вас. Би сакала да можете да ја видите мајката што не ја гледате откако ќе заспиете. Би сакала да знаете дека тивко влегувам во вашата соба и ве гледам додека мирно спиете. Би сакала да можете да го слушнете тивкото „те сакам“ додека длабоко спиете. Би сакала да ја почувствувате гордоста што извира од мене додека размислувам за сите ваши постигнувања тој ден. Би сакала да ја знаете болката што ја чувствувам кога зборувате за оние што ви ги повредиле чувствата.

Би сакала да знаете колку се гордеам со вас. Иако знам дека често се чини како постојано да ве критикувам, вистината е дека сте посебни и неверојатни – одговорни, паметни, емпатични, грижливи и чувствителни. Би сакала да ја видите мојата гордост кога ве гледам како и понатаму се обидувате, иако е тешко и сакате да се откажете.

Сакам да знаете дека ве сакам и тогаш кога сум уморна, фрустрирана, изнервирана и кога сакам да одморам од сè – и тогаш ве сакам најмногу. Не само што ве сакам, туку и сте ми потребни. Потребни ми сте да научам како да бидам подобра мајка затоа што тоа ќе ме направи подобра личност. Потребно е да ме научите да покажувам љубов, не прашувајќи што мислат другите околу мене, и да ми покажете како да најдам радост и возбуда во „обичното“ секојдневие. Ми требате да ме научите „само да бидам“ – да живеам во моментот и да ми покажете како да ги најдам вистинските авантури во нашата дневна соба. Ми требате да ми покажете што е вистинска храброст и бестрашност за да можам да го оставам целиот стрес зад себе и да уживам во овие моменти, со вас.

Бидејќи знам дека сето ова еден ден ќе ми недостига и дека ќе копнеам по вашите прегратки и бакнежи и по вашето: „Те сакам, мајчичке“, сакам да ви кажам дека ве сакам повеќе од сè, но не сум совршена и не ми е секогаш пријатно да ја покажувам наклонетоста, особено во јавност. Ве молам, научете ме, за со моите зборови и постапки секогаш да ја покажувам мојата љубов кон вас. И бидете ми потсетник за повеќе да се смеам, повеќе да прегрнувам, повеќе да велам „те сакам“, па дури и да плачам од радост. И да бидам вашата најдобра мајка, каква што заслужувате.

Ве сака, вашата мајка

Автор: Џесика Мекаслин

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top