Игротека

Лекари ги тешат родителите со ова писмо: Драги мамо и тато, уживајте со мене, никогаш веќе нема да бидам толку малечко!

Никој што се остварил во родителската улога нема да ви рече дека родителството е лесно. Меѓутоа, иако во одредени моменти ви се чини дека нема да успеете во вашата задача, факт е дека сето тоа многу брзо поминува, а и ќе дојде ден кога оние најтешки моменти ќе ви недостигаат. Прочитајте го писмото што го трогна светот, особено родителите.

Постои долг список со придавки што се користат за да се опише како изгледа да се стане родител, особено првиот пат. Тоа е неверојатно, убаво искуство кое го менува сечиј живот од корен, но исто така може да биде и исцрпувачко, а понекогаш и многу тешко бидејќи, за жал, не постои магична книга со упатства која на сите им е потребна, особено во првите недели од животот на бебето. Колку и да се подготвуваме за овој важен настан во својот живот, не постои начин на своето бебе да му ги читате мислите, а тоа не е во можност да ви каже што му е потребно или што го мачи.

Многу родители за тоа може да се обвинуваат себеси и да станат депресивни бидејќи сметаат дека не успеваат да го исполнат сето она што од нив, како родители, се очекува.

Од таа причина, британската Национална здравствена служба им посветила на родителите утешително писмо, кое трогна, па дури и расплака многумина:

„Драги мамо и тато,

Ве молам чувајте го ова писмо подалеку од мене, на некое место каде што ќе можете повторно да го прочитате кога работите нема да одат баш одлично и кога нема да бидете расположени. Ве молам, не очекувајте премногу од мене како новородено бебе, но и од себе како нови родители. Дајте ни време, барем шест недели. Мене да пораснам, да се развијам, да созреам, да бидам постабилно и предвидливо, а себеси време за да се одморите, да се опуштите и да му дозволите на своето тело да се врати во нормала.

Ве молам, нахранете ме кога сум гладен. Во стомакот на мама не знаев за глад, а часовите и времето многу малку ми значат. Ве молам, држете ме, галете ме, бакнувајте ме и чувајте ме. Додека бев во стомакот, бев постојано блиску до мама и никогаш не бев само.

Ве молам, простете ми ако плачам често. Не сум тиранин што е испратен со задача да ви го загорчи животот, туку плачот е единствениот начин да ви кажам кога не се чувствувам среќно. Издржете го тоа кратко време, бидејќи како што ќе растам, сѐ помалку ќе плачам.

Ве молам, одвојте време да откриете кој сум, колку се разликувам од вас, колку можам да ви дадам. Набљудувајте ме внимателно, а јас ќе ви покажам што ме смирува и што ми одговара. Ве молам, секогаш имајте на ум дека сум прилично отпорно бебе и дека можам да издржам многу грешки кои случајно ќе ги направите. Додека ги правите со љубов, не можете да ме повредите. Ве молам, немојте да бидете разочарани ако не сум совршено бебе како што сте очекувале, а немојте да бидете разочарани ниту од себеси ако не сте совршени родители.

Ве молам, грижете се за себе – хранете се здраво, одморајте, вежбајте – за додека сме заедно, да имате трпение и енергија да се грижите за мене. Лекот за бебето што има потреби е одморена мајка.

Ве молам, негувајте го вашиот однос. Како меѓусебно ќе се зближиме ако нема семејство кое ќе ја создаде таа силна врска?

Имајте ја во главата пошироката слика. Вакво мало бебе ќе бидам многу кратко, иако сега ви се чини дека тоа ќе биде засекогаш. Иако можеби го свртев вашиот живот наопаку, ве молам потсетете се дека работите брзо ќе се вратат во нормала.

Уживајте со мене – никогаш веќе нема да бидам толку малечко!“

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top