Во периодот од 9. до 12. година вашето дете влегува во фаза на големи социјални и емотивни промени. Во овој период тоа почнува да насетува што е растењето и да го спознава патот кон зрелоста за која полека се подготвува. За децата што се во оваа претпубертетска фаза животот почнува полека да се комплицира. Особено за девојчињата. Сега на преден план се пријателствата кои можат да бидат исполнети и со неразумни расправии.

Пријателства

Вашите девојчиња досега веројатно имале по една најдобра другарка со која споделувале сѐ, како со сестра. Но, ќе видите, набрзо „најдобрата другарка“ ќе има рок на траење приближно околу три месеци. Не вознемирувајте се премногу околу тоа. Тоа е сосема нормално за оваа возраст.

Што се однесува до момчињата, тие сакаат групни игри и обично се во поголемо друштво. Оваа „организација“ ги штити од нестабилност и непријатни изненадувања карактеристични за женските пријателства „една на една“. Освен тоа, момчињата повеќе се концентрираат на тоа што работат и со што се занимаваат отколку со кого се.

Пат кон самостојноста

На 11 години вашето дете ќе почне да ги шири крилјата и да ги прави првите мали чекори кон самостојноста. Тоа значи дека постепено ќе почне да ги избегнува сите семејни собири за повеќе време да поминува со своето „кул“ друштво. Дополнително, момчињата ќе почнат емотивно да се оддалечуваат од мајките, а девојчињата од татковците. Исто така, децата почнуваат да формираат свои ставови кои ако треба, и ќе ги бранат.

Околу 11. и 12. година веќе може да се насети и оној преттинејџерски гнев, кои најчесто ќе го манифестираат физички (на пр., со трескање врати). Исто така, можно е односот меѓу детето и мајката да почне да се интензивира во негативна смисла. Ако доволно разговарате со своето дете и доволно добро го познавате, тоа можеби и нема да се случи сѐ до средината на тинејџерската возраст.

Иако треба да го почитувате секој чекор што го презема вашето дете за ефикасно да почне да созрева, не испуштајте го од вид. Се разбира, сите проверки правете ги дискретно. И ако понекогаш ви се случи да ве открие во шпионирањето, во овој период тоа многу помалку ќе го повреди отколку истото тоа да му го направите на 14 години.

Доколку ги забележите следните проблеми, побарајте стручна помош:
* Вашето дете е преоптоварено со созревањето;
* Вашето дете драстично попуштило во учењето;
* Вашето дете константно упаѓа во конфликтни ситуации со врсниците.



912

X