Воспитување

Емоциите во раното детство и нивниот израз пред развојот на говорот

Во мојата долгогодишна работа со деца сè почесто се забележува една суптилна појава – намалена емоционална експресија кај дел од најмалите деца. Не станува збор за јасно дефинирани тешкотии, туку за разлики во начинот на кој детето ги изразува своите основни емоции.

Во раниот развоен период, пред појавата на говорот, емоционалниот израз на лицето претставува еден од клучните начини на комуникација. Во оваа фаза најчесто се очекува јасна реакција на основните емоции како радост, тага и изненадување. Преку нив детето воспоставува прв контакт со околината, реагира на стимули и започнува да гради социјална поврзаност.

Затоа, следењето на емоционалната експресија во овој период е значаен развоен индикатор, особено пред развојот на говорот. Во практична смисла, тоа значи дека детето прво комуницира преку лице и реакција, а дури потоа преку зборови.

Кога овие емоционални изрази се јасно присутни, полесно се следи понатамошниот комуникациски и социјален развој. Кога се послабо изразени или тешко препознатливи, тоа не мора да укажува на отстапување, но бара внимателно следење во поширокиот развоен контекст.

Во современото живеење сè почесто се забележува дека овој вид емоционален израз кај дел од децата станува посуптилен. Ова не се толкува изолирано, туку како дел од пошироки промени во начинот на растење и комуникација.

Секое дете има свој индивидуален развоен ритам и начин на изразување. Сепак, кога ваквите карактеристики се постојани и се придружени со намалена социјална интеракција или ограничено споделување внимание, се препорачува понатамошно стручно следење.

Емоционалниот израз во раното детство останува еден од најважните показатели за начинот на кој детето се поврзува со светот, особено во периодот пред развојот на говорот.

Автор: Александра Сабрас Апостолова, дипл. дефектолог

Поврзани написи

To top