Елката на која децата од Рот, Германија, закачуваа ливчиња со желби ни оваа година нема да биде украс на божикниот базар поради тоа што градските власти се плашат дека така се крши новата европска регулатива за заштита на личните податоци. Со години децата од овој град, кој се наоѓа во близина на Нирнберг, со нетрпение го чекаа крајот на годината знаејќи дека ако не Дедо Мраз, желбите ќе им ги исполнат градските власти. Во онлајн-изданието „Велт“ пишува дека во изминатите години биле организирани посети на деца во пожарникарска станица, други добивале книги на подарок, а едно момче кое напишало дека сака да стане градоначалник доби можност цел еден ден да го помине со првиот човек на градот.

Законот што стапи во сила во Европската Унија на 25 мај предизвика многу дилеми кај сите што ги обработуваат податоците на Европејците, а толку многу ја искомплицира оваа традиција во Рот, што властите конечно се откажаа од неа.

Регулативата ГДПР е единствена правна рамка која пропишува поголема одговорност за оние што работат со податоци за личности. Компаниите и државните органи може да собираат имиња, адреси, електронски адреси, само ако корисникот се согласи на тоа.

Во случајот со елката, децата на ливчињата покрај желбата ја пишуваа и адресата, а законот наложува дека за лица помали од 16 години родителите мора да дадат согласност за обработка на податоците. Тоа би подразбирало многу заморна работа, а и повеќе од тоа. Ако компанијата или владината установа не ги чува податоците според прописите, ѝ се закануваат огромни казни.
Очигледно властите на Рот сакаат да го избегнат ризикот. И минатата година елката со желби беше откажана затоа што регулативата беше усвоена, но сè чекаше да стапи во сила.



912

X