Новогодишните честитки патуваа во различни земји, како Романија, Грција, Турција, Ерменија, Италија, Шпанија, Германија и Словенија. Секојдневно соработуваме со сите – директор, стручен тим, надворешни соработници, родители, обрнувајќи внимание на социо-емоционалниот развој на детето со цел среќно и исполнето дете и детство, вели Устамитова

Заедништвото, колегијалност, грижа за децата, но и едни за други, се вредности кои ја красат детската градинка „Буба мара“ од Општина Аеродром. За тоа како функционираат во време на пандемија, кои активности ги имаат децата и воспитувачките и негувателките во овој период, но и за соработката со родителите, разговараме со директорката Елена Устамитова.

Како функционира градинката во време на пандемија?

– Уште со самото отворање на градинките во време на пандемија секојдневно сме исправени пред многу предизвици, кои успешно ги надминуваме и се навикнуваме на новото ,,нормално“. Почитувајќи ги протоколите, успешно го реализираме воспитно-образовниот процес. Воспитно-згрижувачкиот кадар на многу креативен начин ги реализира активностите во рамките на програмата за ран детски развој. Секојдневно се остварува соработка со сите вклучени во градинката, директорот, стручниот тим, надворешните соработници, родители, обрнувајќи внимание на социо-емоционалниот развој на детето, со една цел – среќно и исполнето дете и детство.

Елена Устамитова

Во овој период од годината имате многу активности заедно со дечињата. Што сработивте и што работите?

– Овој период актуелни беа нашите зимски и новогодишни работилници, изработки, украсување на објектите. ЈУДГ „Буба мара“ активно учествува во е-твининг платформата. Може да се пофалиме со наши 3 виртуелни сликовници – преку проектот Vrtuljak Prijateljstva, испраќање честитки до непознати другарчиња, преку проектот Christmas celebration exchange и Christmas greetings from Around Europe. Новогодишните честитки патуваа во различни земји како Романија, Грција, Турција, Ерменија, Италија, Шпанија, Германија и Словенија. Се реализира и онлајн активност со партнерите од Полска преку проектот „Меџик крисмас денс фестивал енд митинг“. Секој воспитувач преку различни активности, приредби, работилници, во својата група ја доловува новогодишната магија. Поентата на активностите кои секојдневно ги реализираме подразбираат поттикнување на говорот кај најмалите, развивање фина моторика и графомоторка, визуелна перцепција, поттикнување логичко размислување, концентрација, внимание и истрајност.

Под мотото ,,Книгата, уметник на детскиот говор“ се направија неколку работилници: ,,Дрво со подароци“, „Новогодишен подарок“, каде што секое дете доби сликовница со цел да се поттикне читањето со родителите уште од најмала возраст. Љубовта кон пишаниот збор, убавината на читањето е нешто што сакаме да им го пренесеме на децата од најмали нозе и затоа ги реализираме овие активности, кои во време на пандемија како да се подзаборавија, а се суштински за развој на говорот на секое дете.

Неодамна се случи хуманитарна забава во Општина Аеродром од која беше дел и „Светот на Биби“, а на забавата учествувавте и вие со изработките на дечињата кои се продаваа. Планот е парите да се донираат во хуманитарни цели?

Хуманоста и дарувањето се едни од приоритетите на нашата градинка и за таа цел „Буба мара“ беше вклучена во хуманитарниот настан „Најмладите за Аеродром“, во организација на Општина Аеродром и во неа учествуваме со свои новогодишни изработки, честитки, лампиони. Оние што ќе го посетат настанот ќе можат да ги купат за себе и за своите најмили. Со средствата што ќе бидат собрани од оваа акција ќе бидат помогнати голем број семејства кои се дел од социјално-ранливите категории во општината. Да бидеш хуман, да дариш љубов, така ќе бидеш посреќен и ќе направиш добро дело.

Каква е соработката со родителите?

Многу се гордеам со воспитно-згрижувачкиот кадар затоа што секој еден е максимално посветен, со сета своја љубов, знаења, компетенции кои се клучни за воспитувањето и едукацијата соодветна за предучилишната возраст. Секој член на стручната служба на својствен начин остварува соработка со родителите и воспитниот кадар посветувајќи им посебно внимание преку работилници, совети, насоки, информативни летоци итн. Заедништвото, колегијалноста, грижата едни за други се нешта што ја красат „Буба мара“. Во ова време-невреме, интеракцијата на секој поединец е проткаена со позитивни емоции, пријателство, внимание. Тие вредности ги негуваме и им ги пренесуваме на најмалите и најмилите.

Тука би ја издвоила нашата „Новогодишна екоработилница“ за деца и родители, поттикнати од целта која ни е поставена во програмата на Советувалиштето за родители и деца „Мал свет, големи срца“. Оваа екоработилница ја зајакнува врската родител-дете, а на децата ќе им се пренесат вредности за значењето на животната средина и колку треба да се грижат за неа. Родителите и дечињата беа креативни и изработија интересни, уникатни новогодишни лампиони од рециклиран материјал кои ги красат нашите дворови.

Фото: приватна архива



912

X